Денеска министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, остварил средба со претставници од Здружението за цистична фиброза. На состанокот министерот со претставниците на Здружението разговарале за повеќе актуелни теми поврзани со пациентите со цистична фиброза и напорите за надминување на истите.
Било нагласено дека минатата недела, Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија обезбедил дополнителни средства за лекот „трикафта“ за дополнителен број на пациенти со цистична фиброза.
-Со овој дополнителен буџет значајно ќе се зголеми бројот на пациенти за кои стручна Комисија ќе одлучи дека треба да примаат терапија. За пациентите кои ќе бидат ставени на терапија со лекот „трикафта“, одлучува стручна комисијата формирана од министерот за здравство, а одлуките се носат согласно изготвен протокол, изјавил Меџити на средбата.
Соговорниците на средбата разговарале и за реконструкција и доопремување на Центарот за цистична фиброза при ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата, Козле, Скопје за што Министерството за здравство доби финансиска помош од НР Кина.
Меџити на средбата истакнал дека Центарот ќе биде современ објект изграден по европски стандарди, каде ќе се нудат современи здаравствени услуги за пациентите со оваа заболување, како и одлични услови за работа на здравствениот персонал со пациентите.
Дванаесетте пациенти што беа помеѓу посреќните и пред околу четири месеци добија терапија стравуваат дека и за нив нема да има „Трикафта“ во иднина, а во меѓувреме бараат сите да добијат лек и ветувањата на надлежните да не останат само празни зборови.
Битката за трикафта е со години, но во нашата земја стигна во март и тоа за 12 пациенти, откако претходно почина 45 годишниот Благојче Илиевски кој не дочека државата да му го обезбеди неопходниот лек.