Меџити: Одлуката за разрешување на Коцевски е во согласност со духот на меѓународниот фактор

од Nikola Popovski
139 прегледи

Откако вчера Владата го задолжи Mинистерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, со свој став излезе и еден од вицепремиерите и министер за животна средина, Изет Меџити. Според него, ваквата одлука од „Илинденска бр.2“ е резултат на неговите континуирани правни прекршувања. Во интервју за централното издание на вестите на Алсат М, Меџити истакна три клучни елементи што го детерминирале овој потег.

„Прво, оваа постапка е во согласност со духот на меѓународниот фактор и стратешките партнери, со цел да се интервенира таму каде што има прекршувања. Второ, довербата на граѓаните во судскиот систем е на најниско ниво од 90-тите години и речиси повеќе не постои. Трето, јавниот обвинител Коцевски продолжи со континуирани правни прекршувања, создавајќи ситуација што ја направи неизбежна одлуката за негово разрешување,” изјави Меџити.

Како причина за разрешување на Коцевски, од Владата ја наведоа разорачаноста од постапувањето надвор од законските надлежности, нарушената доверба и нефункционирањето на правната држава. Како аргумент, Владата го наведе и последниот извештај на „Транспаренси“, како и именувањето нов шеф на Вишото скопско обвинителство, за кое сметаат дека е незаконско.

Во членот 88 од ЗЈО стои дека за да се разреши државен обвинител предвидени се два услова – ако станал член на политичка партија или ако извршил тешка дисциплинска повреда „сторена со намера или очигледна небрежност по вина на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без оправдани причини и ако повредата предизвикала тешки последици“.

Коцевски вчера регираше преку писмена изјава во која тврди дека секогаш работел во согласност со закон.

„Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски“, вели Коцевски кој смета дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации.

Слични содржини