Градоначалникот на општина Чаир и еден од лидерите на коалицијата, ВЛЕН, Изет Меџити потврдил дека Мухамед Хоџа ќе биде нов министер за животна средина и просторно планирање. Меџити во изјава за медиумите денеска истакнал дека Беким Сали ќе биде прв вицепремиер, додека останува да се дефинира кое министерство ќе го предводи.
„Нема да има реконструкција, туку пополнување на позициите. Тие се финализираат. Она што е познато е дека Беким Сали ќе биде прв вицепремиер и ќе биде потребно деновиве да се дефинира кој друг ресор ќе го покрива. Министер за екологија ќе биде Мухамед Хоџа“, рекол, меѓу другото, Меџити.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена рече дека секој во владината коалиција останува со ист број на ресори, посочувајќи дека нема да има министер плус за никој од партнерите. За сега во оптек се неколку кандидати кои ќе го пополнат испразнетото вицепремиерско место и она за животна средина.
Премногу се мали шансите, вели премиерот на пролет да се одржат предвремени парламентарни избори иако тоа гледано, како што вели тој теснопартиски многу би одговарало на неговата коалиција. Сепак насочени се кон подобрување на стандардот на граѓаните.
Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ го подготвува конгресот за декември, но и коалициски се подготвува за изборите на 11-ти јануари во четирите општини каде не беа избрани градоначалници.