Меџити: Уапсен еден од одговорните за антиалбанските скандирања во Куманово

од Nikola Popovski
926 прегледи

Откако Министерството за внатрешни работи вчера информира дека е уапсено едно лице што се обидело да внесе транспарент со навредлива содржина на натпреварот од саботата меѓу Македонија и Романија, се огласи и вицепремиерот и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити. Тој ја поздрави реакција на полицијата.

„По фашистичките и антиалбанските скандирања што се слушнаа пред неколку дена во Куманово, за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, веќе има позитивен развој: еден од навивачите одговорни за овие неприфатливи скандирања е уапсен.

Им честитам на институциите за брзиот одговор и ефикасната работа во овој случај. Пораката е јасна: говорот на омраза нема да се толерира“, стои меѓу другото во објавата на Меџити.

Во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 02.08.2025 во Спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор, и по извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки против инволвираните лица, вклучително и кривични постапки. Вчера полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода С.М. (30) од Куманово, кој се сомничи дека на полувреме од кошаркарскиот натпревар се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина. По целосно расчистување на случајот против него ќе следи соодветен поднесок.