Медведев го потсети Трамп на рускиот систем „Мртва рака“ кој лансира нуклеарно оружје и без одлука на Путин

од desk2
69 прегледи Фотографија: Vitaly V. Kuzmin on Wikimedia Commons: Creative Commons Attribution-Share Alike 4.0 International licence

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев му одговори на американскиот претседател Доналд Трамп да има на ум дека Москва поседува советски капацитети за нуклеарни напади во „краен случај“, откако Трамп му рече на Медведев да „внимава што зборува“.

Препукувањето меѓу поранешниот руски и сегашниот американски претседател трае веќе извесно време, откако Медведев во свое обраќање месецов ги коментираше можностите за употреба на нуклеарно оружје.

„Ако некои зборови на поранешниот претседател на Русија предизвикаат таква нервозна реакција кај високопозиционираниот претседател на Соединетите Американски Држави, тогаш Русија прави сѐ како што треба и ќе продолжи по својот пат“, рече Медведев.

Трамп треба да има на ум, рече тој, „колку опасна може да биде легендарната „Мртва рака“, мислејќи на тајниот автоматски руски команден систем дизајниран самостојно да лансира руски нуклеарни проектили.

За време на Студената војна, советските инженери го создале системот Периметар, којшто подоцна ќе го добие името „Мртва рака“, а подразбира автоматско лансирање на сите ракети со нуклеарно оружје во случај СССР да е погоден.

Почетното размислување за развојот на овој систем е дека во случај противникот да го изврши првиот удар врз цели во СССР и целиот воено-политички врв да биде убиен во тој напад, треба некако да се реагира.

Така, пред да дојде до лансирање, системот ќе се обиде да воспостави врска со нуклеарниот бункер преку четири комуникациски импулси, а доколку не добие повратни информации, тоа значи дека повеќе нема авторитет што би можел да го отповика Периметар.

Тогаш доаѓа до лансирање на ракета УР-100, која е опремена со специјална боева глава. Тоа би бил почетниот момент на активирање на системот којшто претходно утврдил дека дошло до нуклеарен напад врз СССР.

По лансирањето на првичната ракета, целиот арсенал на интерконтинентални балистички ракети што ќе го преживеат првиот удар ќе биде насочен кон предвидените цели, без можност за отповикување на таа одлука.