Поранешниот руски претседател и сегашен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, се огласи по нападите на САД и Израел врз Иран и иронично ги нарече Американците „миротворци“.
Во коментар на мрежата X, Медведев рече дека разговорите со Иран биле само параван.
„Миротворецот е повторно тука. Разговорите со Иран беа само параван. Сите го знаеја тоа. Па кој има повеќе трпение да го чека тажниот крај на непријателот сега? САД се стари само 249 години. Персиската империја е основана пред повеќе од 2.500 години. Да видиме што ќе се случи за околу сто години…“, рече Медведев.
По израелско-американските напади врз Техеран и други ирански градови, Иран возврати со напади на израелска територија, како и врз американските бази низ целиот Блиски Исток.
Досега не се пријавени поголеми штети, а двете страни изјавија дека нападите ќе продолжат во наредните денови.