Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска денес ја повикаа Русија да се согласи на целосно и безусловно 30-дневно примирје за да се создаде простор за разговори за праведен и траен мир во Украина. „Заедно со САД, ја повикуваме Русија да се согласи на целосно и безусловно 30-дневно примирје за да се создаде простор за разговори за праведен и траен мир“, се наведува во заедничката изјава на четворицата лидери.
Тие денес се сретнаа во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски, покажувајќи единство еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин ги угости своите сојузници на парадата за Денот на победата на Црвениот плоштад.
Тема на дискусија на самитот е американскиот и европскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот во војната на Русија во Украина, кој, доколку биде отфрлен од Москва, би значел заедничко воведување нови санкции, изјави француски дипломатски извор, додавајќи дека чекорот сè уште не е финализиран.
Посетата на британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и полскиот премиер Доналд Туск е првпат лидерите на четирите земји заедно да патуваат во Украина.
Лидерите во еден момент го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп. Тема на разговорот беше можноста за постигнување мировен договор со Русија. Според новинската агенција PA, разговорот меѓу Зеленски, четворица европски лидери и Доналд Трамп бил непланиран, траел околу 20 минути и бил опишан како „срдечен“ од извор од британската делегација.
Сојузникот на рускиот претседател Владимир Путин и поранешен руски претседател Дмитриј Медведев реагираше на веста за собирот на европските лидери во Киев.
„Макрон, Мерц, Стармер и Туск требаше да разговараат за мир во Киев. Наместо тоа, тие упатуваат закани до Русија. Или примирје за да им се даде одмор на ордите на Бандера, или нови санкции. Мислите дека е паметно, а? Ставете ги тие ваши мировни планови во вашите задници“, напиша Медведев на социјалните мрежи.