Меѓународната конференција за природа, која вчера се одржа во Скопје со наслов „Политиките за природа како основа за заштита“ собра меѓународни чинители од Бернската конвенција, Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), странски донатори и претставници на националните институции. Главниот заклучок од конференцијата е јасен и недвосмислен: итно донесување на нов закон за природа и обезбедување државни финансии.
Конференцијата започна со нагласување на потребата од меѓународна поддршка и соработка насочена кон суштинска и сеопфатна заштита на природното наследство на Македонија. Свои воведни обраќања имаа претставници од Бернската конвенција, Директорот на регионалната канцеларија на Меѓународната унија за зачувување на природата, Амбасадорот на Владата на Шведска во Македонија, Директорот на Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање. Поздравен говор испрати и кабинетот на Претседателката, Гордана Силјановска – Давкова.
Учесниците на конференцијата се согласија, дека постои желба, интерес и напор за заедничко и синхроно делување со цел заштита на природата во Македонија, особено поради итната потреба и зацртаните национални и меѓународни цели.
„Не станува збор дали ќе постигнеме заштита на клучните живеалишта и видови – прашањето е како“, истакна Марта Медлинска од Секретаријатот на Бернската конвенција, каде веќе 11 години е отворен случајот за изградбата на хидроцентралите во Националниот парк Маврово. За овој случај Конвенцијата донесе низа препораки кои треба да се исполнат за случајот да се затвори. Меѓу кои и итно репрогласување на Националниот парк Маврово и воведување забрана за изградба на хидроцентрали во заштитените подрачја.
Како стратешки императив, конференцијата го постави барањето за Итно донесување на нов, европски усогласен и бескомпромисен Закон за природата, кој ќе одговори на препораките од меѓународните чинители, но и ќе постави нови стандарди за заштита. Истовремено, за да се овозможи системски пристап кон заштитата на природата, потребна е трансформација на институционалната поставеност и формирање на Завод за природа.
Претставниците на нашите национални паркови истакнаа дека се соочуваат со бројни предизвици со капацитетите и нивната стручност, со преклопување на надлежностите и неможноста да делуваат автономно поради недостиг од соодветни надлежности. Решението за сето ова го гледаат во едноставен и јасен закон кој лесно ќе се спроведува и ќе им даде „ветар во грб“ во нивните заложби за одржливо управување со подрачјата.
Вториот клучен аспект, без кој новиот закон ќе остане мртво слово на хартија, е обезбедувањето на буџетски финансии за природата кои ќе ги поддржат управителите со заштитени подрачја и ќе овозможат нивна одржливост на долг рок. Постоењето на државни средства овозможува и влез на донаторски средства. Пример за ваков механизам е Prespa Ohrid Nature Trust како донатор кој финансиски ги поддржува подрачјата кои имаат солидни Планови за управување и основни административни и стручни капацитети за раководење со природното наследство. Но, без исполнување на овие услови, финансиите не можат да се доделат.
Конференцијата овозможи размена на искуства и примери од теренот кај нас, но и од други земји во регионот. Во завршните обраќања, Министерството за животна средина и просторно планирање истакна дека ќе работат на ново законско решение за заштита на природата и воспоставување на нова институционална хиерархија. Фондацијата Еуронатур која веќе со децении ја поддржува заштитата на Балканскиот рис посочи дека соработката е клучна, но бара посветеност и континуирани напори од сите страни, и истакна дека само донесување на нов закон нема да ги реши сите проблеми. Потребно е интерсекторска и интеринстутиционална соработка како и доследно спроведување на законските решенија од сите чинители, стои во соопштението од настанот.