Бас рапид транзитот системот се состои од модерни автобуси со голем капацитет и безбедни коридори по кои ќе се движат, со оптимална брзина, стои во соопштението на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Според него, со воведувањето на БРТ, ќе се подобри услугата и на сегашниот автобуски систем со поголем број автобуси што ќе циркулираат.
-БРТ системот целосно ќе се интегрира со постојниот автобуски систем. Со него се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици.
Делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, предвидено е да се поминува за околу 30 минути. Меѓу станиците се постигнува брзина на движење од 50 километри на час.
Физичката издвоеност на трасата во 82% од вкупната должина е со зелен појас, што е најквалитетен начин на издвојување; во централниот дел – околу 400 метри е пешачка зона во која се допуштени само возила на БРТ.
Наплатата, односно валидацијата на билетите предвидено е да се врши на самата станица што ќе овозможи што е можно пократко задржување на возилата на брзиот автобуски систем на станиците заради влез и излез на патниците, вели Шилегов.