Мехмедовиќ: Варијантите на грип се очекува да кулминираат на крајот на февруари и почетокот на март

од Vladimir Zorba
237 прегледи

Прилично е стабилна состојбата и е очекувано за овој период од годината да има пациенти со сезонски грип, но нема драматично отскокнување и болниците не се полни, соопшти д-р Злате Мехмедовиќ од Комисија за заразни болести во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Случаи на Ковид има сѐ помалку, рече тој, а варијантите на грип се очекува да кулминираат на крајот на февруари и почетокот на март иако „не е секоја година идентична по однос на активноста на вирусите и нивната трансмисија“.

Во однос на пертусис (голема/стодневна/магарешка кашлица) кое е бактериско, а не вирусно заболување, во земјава има само два случаја, за разлика од Србија и во Црна Гора и особено во Хрватска каде со над пет илјади случаи ситуацијата е драматична и од каде што и почна да се шири болеста низ Балканот.

Дали може да се рашири кај нас откако наши граѓани се вратија од зимување во Србија, д-р Мехмедовиќ одговори дека пертусис не може да се добие на отворено, туку ако подолго време се престојува во една затворена просторија и дека обично заболуваат деца и тие што работат со нив – воспитувачи и учителки, а болеста е најсериозна кај деца од 0 до 2 години.

Стабилната состојба со пертусис, според него, се должи на тоа што кај нас е многу подобра статистиката во однос за вакцинацијата со ДТП отколку во Хрватска.

-Ние сме, за среќа, само на два случаја и можеби тоа се должи на центрите за јавно здравје во државата и Институтот за јавно здравје и сериозниот епидемиолошки пристап во контрола на трансмисија на болеста и следењето на случаите. Иако се работи за мал број случаи, што ја олеснува ситуацијата, ние имаме извонреден начин досега на следење на сите контакти поврзани со случај што веќе е докажан како инфициран, со цел да се минимизира можноста за ширење на болеста, рече д-р Мехмедовиќ.

Слични содржини