Таа појасни дека, иако трансферите биле направени по барање на САД, конечната одлука ја донел Советот за национална безбедност по проценка на тоа што е „поволно за Мексико“ и за неговата национална безбедност.
„Мексико е на прво место, над сè. Дури и кога се бара нешто од нас, одлуката е наша и е суверена“, изјави Шеинбаум на редовната утринска прес-конференција.
Врачените лица се осомничени членови на картелите Халиско Нова генерација (CJNG) и Синалоа, кои Вашингтон ги означува како терористички организации, како и на други криминални групи. Ова е трет ваков трансфер во последната година; мексиканските власти наведуваат дека вкупно 92 лица се испратени во САД.
Мексиканскиот министер за безбедност Омар Гарсија Харфуч соопшти дека станува збор за „криминалци од висок профил“ кои претставувале реална закана за безбедноста на земјата. Тој потсети дека дел од водачите на картелите претходно продолжиле да раководат со криминални операции и од затвор, поради што нивниот трансфер бил договорен за да се спречи можноста да бидат ослободени со судски одлуки.
Американската државна обвинителка Пам Бонди изјави дека изручењето е „историско достигнување“ во напорите на администрацијата на Трамп за разбивање на картелите. Американското Министерство за правда оцени дека потегот е „важен чекор“ и дека соработката е во заеднички интерес на двете земји.
„Овие 37 членови на картели сега ќе одговараат за своите злосторства на американско тло“, порача Бонди.