Италијанската премиерка Џорџија Мелони паднала на лажен телефонски повик од познати руски измамници, чија цел била и поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, потврдија во средата од нејзината канцеларија во Рим.
Мелони била измамена од повикувач кој се идентификувал како претседател на Источноафриканските комори Азали Асумани, актуелен претседавач со Африканската унија.
Всушност, тоа биле руските измамници познати како Вован и Лексус.
Повикот се одржал на 18 септември, во пресрет на Генералното собрание на ОН, соопштија од канцеларијата на Мелони.
Италијанската влада не ја коментираше содржината на повикот.
Сепак, извадоци беа објавени во Русија, меѓу другото и од новинската агенција Риа Новости.
Двајца Руси, со вистински имиња Владимир Кузњецов и Алексеј Столјаров, веќе неколку пати на овој начин измамиле светски лидери и познати личности.
Според извадоците, Мелони рече дека руската војна против Украина, која започна во февруари 2022 година, е голем „притисок“ за сите страни.
„Се ближи моментот кога сите ќе разберат дека ни треба излез“, рече таа. Таа додаде дека има некои идеи за тоа, но и дека сака да го чека вистинскиот момент.
Според руските извештаи, тие разговарале и за миграцијата. Мелони рече: „Европа долго време мислеше дека може да го реши проблемот со тоа што ќе ја обвини Италија. Проблемот е што другите го немаат“.
Руските измамници, кои важат за блиски до владата на Путин, ги измамиле и поранешниот британски министер за одбрана Бен Валас и поранешната градоначалничка на Берлин, Франциска Гифи.
Еден од нив во разговорот со Меркел се претставил како поранешниот украински претседател Петро Порошенко. Во Русија често се пофалени од про-Кремљ медиуми и коментатори за нивните измами.