Мемети: Нехумани услови со кои грубо се повредува човечкото достоинство во Прифатниот центар за мигранти во Гази баба

од desk3

mkd-198817
Народниот правобранител Иџет Мемети денеска апелираше за што поскоро носење на измените и дополнувањата на Законот за азил и привремена заштита со цел ублажување на проблемите поврзани со илегалните мигранти кои минуваат деновиве низ територијата на Република Македонија за да стасаат до земјите од Западна Европа.

– Наша констатација е дека постоечкиот правен систем не дава целосна гаранција за заштита на правата на странците. Поради тоа апелирам за што поскоро донесување на измените на Законот за азил и привремена заштита. Овој закон е позитивен чекор, но далеку од решавање на проблемот, изјави Мемети на денешната прес-конференција.

Мемети, кој денеска имал средба со министерот за внатрешни работи Митко Чавков, бил информиран дека ќе биде побарано Законот да се донесе по скратена постапка со што и тој се согласува.

Бројката на илегални мигранти во земјата, според него, не се знае, а очекувањата се дека таа ќе се зголемува во периодот што следува.

Тим на Правобранителството го посетил Прифатниот центар за мигранти во Гази баба и како што кажа Мемети биле затекнати нехумани услови со кои грубо се повредува човечкото достоинство.

Препорачува зголемување на прифатните капацитети за мигрантите со соодветни хумани услови за сместување, зголемување на нивото на професионално менаџирање со проблемот и покомплексен мултисекторски пристап со цел промена на правната регулатива во повеќе области, која се однесува на прашања поврзани со илегалните мигранти.

Според Мемети, станува збор за бегалци кои доаѓаат најмногу од Сирија. Во Прифатниот центар во моментов на посетата престојувале 364 лица со што тројно се надминуваат капацитетите на овој објект. Дополнително оваа бројка се зголемила вчера, рече тој, имајќи ги предвид информациите дека 120 илегални мигранти од полициската акција во Ваксинце се префрлени во овој центар.

Од вкупно 364 лица кои биле во Прифатниот центар 28 биле жени, 35 деца, а останатите мажи. Тимот на Правобранителството констатирал дека во машкиот дел лицата спијат на под без постелнина, во лоши хигиенски услови. Жените и децата биле сместени во две простории, а дел од нив спиеле на под во просторија која што се користи како кујна.

– Од правен аспект особено загрижува што овие лица поседуваат само потврда за земени предмети и тоа на македонски јазик кој тие не го разбираат. Не им е врачено Решение за привремено задржување на странци. Според решението лицата се задржани за илегален влез во државата, за кој, според Законот за прекршоци, е предвидено задржување до 30 дена, само доколку се работи за обвинето лице, изјави Мемети.

Лицата биле задржувани во овој центар како сведоци во постапката. Нема податоци, според Мемети, за можни жртви на трговија со луѓе, криумчарење, жртви на тортура и слично за кои се бара посебна правна и психосоцијална поддршка.

По укажување на тимот од Правобранителството, Центарот во разговор со јавен обвинител добил усна дозвола за ослободување на поголема група и нивно упатување во Центарот за баратели на азил. /MИА

Слични содржини