Мемов до СДСМ: Кога ќе заклучите, оставете ги клучевите од партијата под чергиче

од Nikola Popovski
705 прегледи

Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов се огласи со реакција по повод денешното партиско соопштение на СДСМ. Мемов порача:

-Имавте 7 години да ги затворите тие што сакаа да ги убијат пратениците на СДСМ во Собранието.
Наместо тоа, вие се испазаривте со нив за да го смените името на Македонија.

Сегашниот коалиционен партнер во владата од Тетово што го спомнувате, проверете си чиј носител на листа беше на едни парламентарни избори. И за крај, остајте ги клучевите од партијата под чергиче, кога ќе заклучите.., стои во реакцијата на партискиот портпарол.

Од „Бихаќка“ утрово одговорија на повиците на ЗНАМ за преминување на нивни членови. Сметаат дека „вистинските социјалдемократи кои се борат со срце и со душа за остварување на социјалдемократските вредности нема никогаш да ги прифатат повиците за преминување во ЗНАМ“. Ја употребија и фразата „тројански коњ“ за лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

-Димитриевски за неколку фотељи и градоначачлничка функција стана слуга и продолжена рака на ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски. Срамно и жално е да се гледаат поранешни генерални секретари на СДСМ како министри и послушници во Влада која ја водат луѓе што сакаа да ги убијат нивните довчерашни сопартијци. Срамно е за поранешни пратеници на СДСМ да бидат функционери во власта на Мицкоски. Од тоа вистинските членови на СДСМ се срамат и го осудуваат, порачаа од „Бихаќка“.

Од партијата на Венко Филипче велат дека не се плашат од „ќорците на Максим Димитриевски и повиците за поделба на партијата“.

СДСМ, додаваат тие, е единствената вистинска опозиција која ќе се бори со сите сили за да се спречува штетните политики на владата на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот сателит ЗНАМ.

-Вратите на Движењето ЗНАМ за наша Македонија се отворени за сите чесни луѓе кои ја сакаат Македонија и сакаат да дадат свој придонес за успешен развој на државата, кажа вчера Мемов. Додаде дека отворена е поканата за прием на сите чесни членови на СДСМ.

Посочи дека ЗНАМ ќе биде гарантот дека никогаш повеќе нема да може некој да го уценува со непристојни предлози партнерот во владата, а коишто ќе одат на штета на македонските национални и државни интереси.

Од партијата на Димитриевски го коментираа и изборниот исход во редовите на социјалдемократите.

-Можеме да констатираме дека СДСМ ниту оддалеку не ја прими пораката од народот на последните избори и продолжува да биде партија која е узурпирана од една коруптивна група на луѓе кои ја држат партијата возаложништво исклучиво заради сопствената заштита од индициите за сторениот криминал во 7 годишното владеење, истакна меѓу другото Мемов.

Слични содржини