Желбата на Кристијано Роналдо да си замине од Манчестер Јунајтед изгледа се поневеројатно да се оствари, барем што се однесува до преселба во клуб кој се натпреварува во Лигата на шампионите. Сепак, сеприсутниот фудбалски агент Жорже Мендеш сериозно ги засука ракавите и има идеја како да најде излез од ситуацијата.
Според „Скај Спорт Италија“, Мендеш повторно ги понудил услугите на Роналдо на Наполи и на Милан. „Небесносините“ донесоа многу напаѓачи со потписите на Џакомо Распадори, Џовани Симеоне и Хвича Кварацхелија, но не е исклучено да бидат во искушение од можноста да го доведат 37-годишниот Португалец.
Евентуалното доаѓање на Роналдо би значело дека Наполи ќе мора да го продаде својот главен стрелец Виктор Осимен. Планот на Мендеш е да им помогне на Италијанците да дојдат до највисоката можна цена за нигерискиот стрелец. Една од опциите е Осимен да го замени самиот Роналдо на „Олд Трафорд“.
Стратегијата на импресариото е иста и во контактите со Милан. Тој има договор со Рафаел Леао и ќе им вети на „росонерите“ огромна заработка доколку ја продадат својата ѕвезда и на негово место го земат Кристијано. Сепак, тешко дека Милан ќе покаже интерес.
Останатите опции пред Роналдо се Марсеј и Спортинг (Лисабон), иако претседателот на Французите веќе отфрли слично сценарио.