Менувањето и консолидацијата на системот мора да се прави брзо и ефикасно, вели Спасовски

од Vladimir Zorba
423 прегледи

Целиот систем мора да биде консолидиран во однос на истрагите, судењата и извршувањето на санкциите. Тоа е нешто што мораме да го разбереме и да го прифатиме како состојба што мора да се менува, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, коментирајќи ја изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дека институциите треба да се погледат во очи и да се запрашаат што можеле да сторат за да се спречи убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

– Тоа го зборувам многу често досега – и кога зборував за неказнивоста на сите оние кои ја ограбуваа државата и беа главни во општеството без да сносат одговорност, кога зборував за консолидација на судскиот систем. Менувањето и консолидацијата на системот мора да се прави брзо и ефикасно, рече Спасовски во изјава за медиумите во Битола.

Во однос на постапувањата на полицијата, Спасовски вели дека за тоа говорат бројките.

– За граѓаните е важно криминалците од првиот момент кога ќе бидат приведени да има една траекторија во која ќе гледаат и ќе знаат дека дошло до извршување на санкцијата или дошло до одземање на имотот којшто е стекнат на криминален начин. Целиот систем мора да биде консидиран во однос на истрагите, судењата и во однос на извршувањето на санкциите за да не ни се случува кога МВР ќе ги приведува криминалците, за кратко време да ги видиме дома или без одредување на соодветни мерки, истакна Спасовски.

Слични содржини