Мандатарот за канцелар на Германија, Фридрих Мерц, во средата во Берлин во храбар и оптимистички говор го претстави новиот коалициски договор меѓу двете големи центристички партии во земјата, неколку часа откако беше објавено дека е постигнат договор за формирање нова влада.
Мерц рече дека неговиот договор испратил „силен и јасен сигнал“ до Германците и Европската унија дека ќе добијат „силна влада способна да дејствува“, објави Би-Би-Си.
Германија веќе беше во рецесија пред да биде погодена од економски турбуленции предизвикани од трговските царини на американскиот претседател Доналд Трамп. „Клучната порака до Трамп е дека Германија се врати во игра“, рече идниот Канцелар, ветувајќи дека ќе ги исполни одбранбените обврски и ќе ја заживее економската конкурентност.
Мерц и неговите коалициски партнери се под силен притисок да стават крај на политичката неизвесност во Германија откако демохристијаните победија на федералните избори во февруари. Мерц вети дека ќе ја реформира и стабилизира Германија, со фокус на миграцијата, економијата и одбраната.
„Европа може да се потпре на Германија“, рече Мерц, ветувајќи силен план кој ќе ја врати Германија на врвот. Мерц ќе мора да почека до почетокот на мај новиот парламент да го потврди за канцелар, но не би требало да има проблем со мнозинството од 13 пратенички места.
Во договорот од средата се вклучени голем број мерки за „контрола и во голема мера ставање крај на нерегуларната миграција“ и наметнување гранични контроли. Друг значаен дел од коалицискиот договор е зголемувањето на трошоците за одбрана и зајакнувањето на војската. Иако нема да има регрутација, Мерц рече дека коалицијата има намера да го следи „шведскиот модел“ на доброволно служење воен рок.
„Нашата цел е да постигнеме проширување на Бундесверот, германските вооружени сили, со доволно доброволци“, рече Мерц. Тој, исто така, вети сеопфатна поддршка за Украина.
Ова ќе биде петта таканаречена голема коалиција (ГроКо) од Втората светска војна, во која се вклучени големите партии од десницата и левиот центар, но партиите нагласија дека ова нема да биде како ниту една претходна влада. Мерц никогаш не бил министер, а неговата влада ќе содржи речиси целосно нови имиња.
Со Германија во економска рецесија, Сахра Вагенкнехт, политичарка од популистичката Левица, рече дека тие не нудат одговор ниту за германската економска криза, ниту за трговската војна. Таа рече дека Германија се соочува со трета и четврта година на рецесија, која ја нарече „Мерцезија“.