МЕРЦ ЗА МИГРАНТИТЕ: Зошто не ги истераме оние што не сакаат да се интегрираат пред да направат големо зло?

од Vladimir Zorba
87 прегледи

По нападот во Магдебург, кандидатот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ/ЦСУ) за канцелар, Фридрих Мерц повика на построг пристап кон сторителите со мигрантско потекло.

„Ние едноставно не сме доволно доследни во справувањето со непријателите на нашата демократија. Ние толерираме премногу луѓе во Германија кои не сакаат да се интегрираат“, напиша Мерц во својот електронски билтен, пренесува германската новинска агенција (dpa).

Мерц побара да се овозможи депортација дури и во случаи кога не се утврдени елементите на кривично дело.

Насилникот од Магдебург, кој минатиот петок уби пет лица, се чини дека бил особено агресивен противник на исламот, напиша Мерц.

„Меѓутоа, очигледно, дури и со овој сторител, кој не одговара на профилот на напаѓачите, на германско тло се случуваат конфликти кои едноставно не можеме да ги толерираме. Мораме да ги запреме!“, напиша Мерц.

Тој потсети дека осомничениот веќе е осуден за закани.

„Зошто да не се ослободиме од таквите луѓе пред да направат големо зло? Можеби постоечките закони не го дозволуваат тоа. Но, ако е така, тогаш мораме да ги промениме тие закони!“, рече Мерц, кој се пожали на општото зголемување на насилството во училиштата и фудбалските стадиони. Додаде и дека има зголемен број на тешки кривични дела меѓу мигрантите.

„Значително повисоката стапка на криминал кај странците е темелно документирана. Политичкиот ислам особено е еден од главните мотиви за злосторствата извршени во Германија“, изјави Мерц, пренесува dpa.

Уделот на осомничените странци во 2023 година бил 34,4 отсто, доколку не се пресметаат прекршоците поврзани со прекршување на законот за странци, покажуваат податоците на Федералната криминалистичка полиција (БКА).

Но, како и претходната година, се зголеми и учеството на странците во вкупното население.

БКА истакна дека бројот на осомничени странци не може едноставно да се споредува со бројот на странци кои живеат во Германија.

Како осомничени во криминалистичката статистика се јавуваат и лица без дозвола за престој, туристи, минливи лица, посетители, гранични работници и припадници на стационирани вооружени сили кои не се дел од населението.

„Ние толерираме премногу луѓе во Германија кои не сакаат да се интегрираат“, рече Фридрих Мерц, кандидат на демохристијаните на изборите во февруари.

Демохристијаните во моментов се во убедливо водство во анкетите за германските парламентарни избори.

Слични содржини