Мерц жестоко го прозва Трамп, Бундестагот му аплаудираше: „Сега имаме три задачи“

„Со оглед на однесувањето на САД како голема сила, Европа мора да се еманципира и самата да научи да го зборува јазикот на политиката на моќ“, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц при претставувањето на владинoто извештај за надворешната политика во Бундестагот.

од desk4
21 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ДВ

„Како демократии, ние сме партнери и сојузници, а не потчинети“, додаде тој.

Притоа нагласи дека раката на соработка кон Соединетите Американски Држави секогаш останува протегната.

Мерц како успех на „единството и одлучноста на Европа“ го истакна тоа што американскиот претседател Доналд Трамп се повлекол од своите закани со царини во спорот околу Гренланд. „Бевме согласни дека нема повторно да дозволиме да нè заплашуваат со закани од царини“, изјави канцеларот. „Кој и да мисли дека може да води политика против Европа со помош на царини, мора да знае и сега знае дека сме подготвени и способни да се спротивставиме на тоа“, рече Мерц, пренесува Deutsche Welle.

Европа, според него, од тоа искуство мора да извлече поуки и на меѓународната сцена да настапува со повеќе самодоверба и свест за својата сила.

„Единството е фактор на моќ во светот. Со оглед на трансатлантските потреси во последните недели, Европа можеби првпат со сопствени очи виде дека може да биде сила, токму врз основа на вредностите од кои не сакаме да се откажеме“, изјави тој.

Три задачи за Европа

Европа последните децении беше политичка сила што инсистираше на владеење на правото како основа на односите меѓу државите и народите, истакна Мерц. „Сето тоа сакаме и понатаму да го зачуваме и штитиме.“

За да се постигне таа цел, Европа мора да се соочи со три задачи, предупреди канцеларот:

  1. Да направи повеќе за сопствената безбедност и да ги намали безбедносните зависности „во кои влеговме премногу лесно последните години и децении“.
  2. Да ја надмине економската слабост – „Ако сериозно мислиме дека сме политички фактор, тогаш таа способност пред сè зависи од економската сила“, рече Мерц.
    Тој најави и дека владата ќе работи на намалување на технолошката зависност, преку „мерки за повеќе автономија и, особено, технолошки суверенитет“.
  3. Европа мора секогаш да настапува обединето на меѓународната сцена.

Критика на изјавите на Трамп за мисијата во Авганистан

Мерц остро реагираше на изјавите на претседателот Трамп, кој ја минимизираше улогата на трупите од сојузничките земји на НАТО во мисијата во Авганистан по нападите во САД на 11 септември 2001 година.

„Нема да дозволиме тој ангажман, што го презедовме и во интерес на нашиот сојузник Соединетите Американски Држави денес да биде потценет и обесценет“, изјави канцеларот, на што пратениците во Бундестагот му аплаудираа.

Мерц потсети дека 59 германски војници загинале во Авганистан, а повеќе од сто биле повредени, дел од нив и тешко.

Тој истакна дека не сака лесно да ги доведува во прашање постоечките сојузништва. „НАТО мора да се зачува и зајакне“, рече Мерц и додаде дека „тој сојуз сè уште е најдобрата гаранција за мир и безбедност – и затоа ние, како Европејци, сакаме да го зачуваме и да го зајакнеме НАТО од Европа и во Европа“.

Во потрага по нови сојузници

Но, Германија и Европа сега мора да бараат и нови сојузништва со други држави, изјави Мерц. „Секогаш надворешни шокови биле тие што ја туркале Европа да се развива понатаму.“ Тој вети дека Германија активно ќе предводи во тој процес.

„Ние, Сојузна Република Германија, сакаме да бидеме дел од динамична, агилна мрежа на суверени држави“, рече Мерц. Станува збор за партнерства со земји „кои и понатаму сакаат да се придржуваат до поредок заснован на правила“.

„Сакаме слободна трговија, минимални или никакви царини, бидејќи искуството ни покажа дека само отворените пазари и слободната трговија се вистинскиот пат до благосостојба и безбедност на народите“, изјави тој.

Мерц ја истакна важноста од склучување договори со Индија и со Меркосур, организација на јужноамериканските земји Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај.