Меркел: Трамп секогаш мисли како да привлече внимание на себе

од desk2
22 прегледи

Доналд Трамп е човек што секогаш мисли како да привлече внимание на себе, порача поранешната германска канцеларка (2005-2021) Ангела Меркел во Атина.

Таа се потсети на нивната средба во Белата Куќа во март 2017 година, кога Трамп одби ракување со неа пред камерите и тоа го направил дури потоа, надвор од Овалната соба, кога камерите не снимале.

„Ја направив грешката да му речам ,Доналд, треба да се ракуваме`, а тој не го направи тоа. Сакаше да го привлече вниманието на себе. Тој тоа го сака: Да одвлече внимание за сите да гледаат во него“.

Таа во јавен разговор вчеравечер со директорот на грчкиот весник „Катимерини“, Алексис Папахелас, посочи дека Европа не би требало да стравува многу од заканите за царините од страна на претседателот на САД.

„Ако ние Европејците успееме да не се исплашиме кога Трамп ни налага царини и да наложиме и ни царини, се надевам дека Америка ќе разбере дека не може да живее сама. Ние сме една целост, и тоа силна целост – да не си ја потценуваме позицијата во однос на Трамп. Ние сме членки на ЕУ и правиме компромиси затоа што веруваме дека заедно подобро ќе ги заштитиме своите интереси“, рече Меркел во Атина, каде ја промовира својата автобиографија.

Поранешната германска канцеларка се осврна и на втората во последно време најспоменувана државничка фигура – рускиот претседател Владимир Путин и на ситуацијата со украинската криза. Меркел посочи дека со Путин сега нема никакви контакти, но дека не е можно со Русија да се немаат воопшто никакви геополитички односи, иако по руската инвазија во Украина, основите за тие односи да се разурнати.

„Влеговме во една нова ера, не треба да ги закопуваме главите во песок“, рече таа.

Меркел појасни и дека едно од најголемите нејзини разидувања со Путин било околу тоа кој е најлошиот настан на 20. век. Според неа тоа е нацизмот, а за Путин најлошо било распаѓањето на Советскиот Сојуз.
„А за мене тоа што Студената војна заврши е нешто убаво…“, рече Меркел.

Поранешната германска канцеларка во дискусијата со директорот на „Катимерини“ зборуваше и за финансиската криза во Грција, и рече оти ѝ станало јасно дека Грција се соочува со голем проблем дури на крајот на 2009 и почетокот на 2010 година.