Мерко „жежок костен“ во рацете на ДУИ: „САД испраќа директен сигнал кон партијата на Ахмети со црната листа“

од Nikola Popovski
824 прегледи

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко се најде на американската „црна листа“ поради корупција и мешање во судски процеси, соопшти вчера Стејт департментот. Во декември минатата година, тим американски истражители ја посети Северна Македонија за да истражи можни случаи на корупција во кои се вмешани високи македонски функционери. Американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер, пред неколку месеци ја објави црната листа на САД, која ќе содржи имиња на функционери вмешани во корупција. Градоначалникот на Струга, Мерко, е првиот на таа листа на кого му е забранет влез во САД, поради вмешаност во, како што се вели, значителна корупција.

Сега се поставува прашањето што понатаму со струшкиот градоначалник, особено во редовите на неговата матична партија ДУИ. Иако дел од јавноста бара да му се одземат ингеренциите, па дури и да се тргне од партијата и кривично да се гони, експертите сметаат дека ваквите пораки од САД се „всушност“ симболични. Политичкиот аналитичар Бесим Небиу во разговор за „Локално“ вели дека одлуката на САД да се санкционираат корумпирани политичари преку вакви со „симболични“ санкции на забрана за влез во САД, е добра, но и селективна и задоцнета. 

Бесим Небиу

-Поради ова санкцинирањето на само еден функционер не би имала никаква смисла, а и ограничена полза – затоа очекувам листава да се прошири со поголем број фунцкионери како на сегашната власт, така и на минатата власт, бара Небиу.

Потенцира дека одлуката не е обвинителен акт ниту пресуда – туку забрана за влез на територија на држава.

-Стејт Депарментот сепак е Министерство за надворешни работи, а не Обвинителство. Ниту САД ниту Македонија имаат покренето обвинение ниту пресуда во случајов, што е можеби индикатор дека овие одлуки имаат за цел да вршат политичко влијание. Што се однесува до одземање на ингеренциите, околностите под кои е тоа можно се законски пропишани. Друга работа е, дали г-нот Мерко ќе поднесе оставка, и дали ДУИ тоа ќе го побара од него, порачува соговорникот.

На прашањето што значи ова за партија како ДУИ и дали ќе се оградат од Мерко, Небиу вели дека градоначалникот е прв политичар на ДУИ со ваква мерка на САД.

-Бидејќи тој е виден и авторитетен член на високот раковдство на ДУИ и еден од нејзините фронтмени веќе подолго време – јасно е дека оваа мерка е сигнал кон ДУИ од страна на САД. Досега, обично функционирите на ДУИ ги одминуваа овие санкции. Нешто, очигледно тука е сменето, оценува аналитичарот.

Додава дека ефективно санкциите на САД значат крај на политичка кариера, барем во досегашното искуство.

-Очекувам во наредниот период, ДУИ политички да се дистанцира од г-нот Мерко, на еден или друг начин, доколку истиот не поднесе оставка, смета Небиу.

Во однос на тоа дали во суштина дали ваквите пораки од САД имаат некакво значење и со искуствата од минатото за прогласување на непожелни политичари од Македонија, соговорникот оценува дека главниот ефект е дека тие политичари , кои дотогаш биле значајни политички чинители како што е случајот и со г-нот Мендух Тачи и со г-динот Љубе Бошковски или одат во политичка пензија или стануваат маргинални политички фигури. Како што вели, искуството покажа дека тие политичари немаа никакви други негативни ефекти!

Небиу е дециден дека ќе се продолжи со дополнување на црната листа, инаку, како што истакнува, не би имало смисла и целисходност целава епизода да се сведе на еден градоначалник, од релативно мал град.

Политичкиот аналитичар Џенур Исени е категоричен дека не е никакво изненадување што Мерко беше прогласен за персона нон грата во САД.

Џенур Исени

 

-Тој и во минатото беше мета на критики, и тоа оправдано. Јас мислам дека ќе се одрази многу лошо во неговата партија, бидејќи тие секогаш се повикуваат на меѓународниот фактор, конкретно на САД. Сега доколку се искрени ДУИ, дека им е важно што мисли меѓународниот фактор, веднаш треба да го исклучат од партијата, оценува Исени во разговор за Локално“.

Споре него, од вчера тој без дилеми е синоним на корупцијата.

-Тоа не го кажувам јас, туку најмоќната држава во светот. Кога САД ќе те стави на црна листа, тоа значи дека тој човек во минатото работел валкани работи. Баш затоа се најголемите критики од Стејт Департментот. И сега во процесот на скринингот мора да се спроведат овие препораки, односно целосен ветинг во сите општествени сфери, за да не можат овие личности да вршат јавни функции. Без овие реформи, и да ги гласаат уставните измени, државата нема да може да ги почне преговорите со Европската Унија, објаснува Исени.

Во однос на тоа дали може да му бидат одземени ингеренциите на Мерко, аналитичарот вели:

-Кога бившиот министер за образование, Арбер Адеми му ги одземе ингеренциите на градоначалникот Арбен Таравари,  зошто сега не може да му се одземат ингиренциите на Мерко. Најмалку што треба да направи ДУИ е да се дистанцира од него, заклучува соговорникот.

Н.П.

Слични содржини