Германската автомобилска компанија „Мерцедес-Бенц“ трета година по ред ја задржа водечката позиција во светот кога станува збор за продажба на луксузни автомобили. Имено, компанијата и во 2018 година го премина најголемиот конкурент БМВ за речиси 200.000 возила.
Продажбата на автомобилите „мерцедес“ пораснала 0,9 отсто, на 2,31 милиона единици, поддржана од воведувањето на новиот модел од А-класата, што придонесе продажбата на компактни автомобили да претставува една четвртина од годишната продажба на оваа марка.
Продажбата на БМВ порасна 1,8 отсто, на 2,12 милиона, поттикната од побарувачката за СУВ-модели, објави порталот „Аутомотив њуз Јуроп“.
Третопласираниот „Ауди“ се соочи со пад на продажбата од 3,5 отсто, на 1,87 милион.
Луксузните автомобилски брендови и натаму остваруваат корист од побарувачката за премиум-модели во Кина, најголемиот светски автомобилски пазар, а во Европа продажбата на сите три производители бележи пад.
Кога станува збор за стариот континент, најмногу опадната е испораката на „Ауди“ (дури 14 проценти), продажбата на „Мерцедес“ паднала 2,3 процент, а на БМВ 0,3 проценти.
Во САД продажбата на БМВ е зголемена 0,5 отсто, а продажбата на „Мерцедес“ и „Ауди“ бележи пад од 6,3 односно, 1,4 отсто соодветно.