Метаморфозис го одбележува Меѓународниот ден за универзален пристап до информации – 28 септември, преку промоција на резултатите од Индексот на отвореност на извршната власт.
„Овој ден нè потсетува на важноста на концептот на отворена влада кој опфаќа широк спектар на политики и практики кои овозможуваат нови начини на владеење и промовираат добро управување. Отвореноста, како пристап и како вредност, овозможува подобро донесување одлуки, намалување на корупцијата и поефикасни јавни услуги за граѓаните. Преку транспарентноста, пристапноста, ефикасноста и интегритетот на инститциите, како принципи на демократското управување, и најновите резултати од истражувањето ја нагласуваме потребата институциите континуирано да ја унапредуваат својата отвореност кон граѓаните.
Според Индексот на отвореност (2024), како и минатата година, Владата на Северна Македонија е најотворена институција меѓу групите од извршната власт, министерства и органи на државната управа, исполнувајќи 77,32 % од критериумите. Во споредба со минатата година има забележано пад од минимален 1 %, кој се повторува втора година по ред.
Анализирано од регионален аспект (Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина), чиј просек на владите е 60,17 % исполнување на индикаторите, резултатот на македонската Влада е многу добар, бидејќи шест години по ред во регионот Владата на Северна Македонија е на првото место во исполнување на индикаторите, но стагнира во напредокот од година во година“, велат од организацијата.