На денешната прес конференција, компанијата инвеститор на проектот „Гранд“ Скопје, МГ Фешн, понуди соработка на Општина Центар за инвестирање во изградба на нов, урбан јавен простор од 7.322 метри квадратни, во градежната парцела 1.4 од проектот.
Одговорните архитекти на проектот нагласија дека важечкиот ДУП на оваа градежна парцела не предвидува градба на објекти, туку само фонтана со спомен обележје. Она што инвеститорот го нуди како решение за парцелата е уредување на просторот со разновидно парковско зеленило, налик на светските уредени урбани паркови и простори оплеменети со современа фонтана и урбана смарт опрема. Површината на градежната парцела 1.4 е со приближна големина како и Плоштадот Македонија и нуди можност за дополнително заживување и модернизирање на овој дел од центарот на градот, а за граѓаните кои се сопственици на приватните парцели од ГП 1.4, предвидено е обештетување во истиот сооднос како и за останатите сопственици чии парцели се опфатени со новите објекти.
Дополнително, компанијата изрази подготвеност за соработка со Град Скопје, Шумарски факултет и зелените организации да изготви решение и да инвестира и во обновување на делот од Кејот 13-ти Ноември кој се протега по должина на локацијата.
Архитектот Илија Божиновски, управител на компанијата МГ Фешн истакна дека на овој начин, со вклученост на сите засегнати страни ќе се обезбеди заживување и осовременување на просторот, преку обновување, поплочување и обезбедување нова урбана и смарт опрема за граѓаните.