Мицевски: Во Чаир очекуваме повторување на резултатите од парламентарните избори

Коалициските договори се водат исклучиво од страна на раководството на нашата политичка партија, врз основа на претходно добиени согласности од Извршниот и Централниот комитет вели за „Локално“ советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

од Даниел Ѓорѓиевски
662 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ секогаш има своја програма и проекти со кои ја бара поддршката од граѓаните. Исто така, и за граѓаните на Општина Чаир ќе понудиме соодветни проекти, согласно нивните барања и уважувања, изјави за „Локално“ советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Чаир, Златко Мицевски. Според него, одлуката за тоа како партијата ќе настапи – дали со кандидат за градоначалник или само со советничка листа – ќе ја донесат највисоките органи на партијата.

„За ова е потребна одлука од Извршниот, а потоа и од Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мицевски.

Според Мицевски, програмата за следните локални избори, која ВМРО-ДПМНЕ ќе им ја понуди на гласачите, ќе биде издржана со реални и актуелни проблеми во општината, кои партијата ги базира на барањата на гласачкото тело и граѓаните.

„ВМРО-ДПМНЕ секогаш има своја програма и проекти со кои ја бара поддршката од граѓаните. Исто така, и за граѓаните на Општина Чаир ќе понудиме соодветни проекти, согласно нивните барања и уважувања“, смета Мицевски.

За проблемите со Старата скопска чаршија, Мицевски нагласува дека надлежност има Министерството за култура, како и неколку општини кои, според него, имаат повеќе надлежности за функционалноста на овој историски комплекс. Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека тие како советничка група во Советот на општината во повеќе наврати реагирале за голем број на проблеми токму за еден од најмонументалните обележја на главниот град.

„Старата скопска чаршија е под поделена надлежност на повеќе општини и институции, како што е Министерството за култура и други. Секако, секоја пријава за непочитување до надлежните инспекции треба да се уважи, а ние, како советници, постојано алармираме за ваквата состојба“, потенцира Мицевски.

Мицевски нагласува дека, советничката група секогаш кога увидувала неправилности во врска со дивоградби во општината истите биле пријавувани до надлежните инспекторати и биле нудени соодветни решенија.

„За дивоградбите, покрај општинските инспектори, надлежен е и Државниот градежен инспекторат. Секој што постапува спротивно на нивните укажувања и продолжува со градежни активности – бил пријавен од наша страна, и било реагирано за сите состојби за кои имаме информации“, нагласува Мицевски.

Мицевски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ во програмата за Општина Чаир ќе понуди програма во која посебен фокус ќе се даде на сообраќајниот хаос, кој според него е рак-рана на целиот главен град, не само на општината.

„Сообраќајниот метеж е присутен на целата територија на Град Скопје, а не само во Општина Чаир. Поради тоа, и пред четири години, како и денес, нудиме соодветни сообраќајни решенија, кои ќе бидат реализирани од идните градоначалници од нашите редови“, смета Мицевски.

Мицевски нагласува дека договорите за можни коалиции за време на локалните избори ќе бидат одлука на раководството на партијата, за што тој посочува дека согласноста ја даваат Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Коалициските договори се водат исклучиво од страна на раководството на нашата политичка партија, врз основа на претходно добиени согласности од Извршниот и Централниот комитет.“

Мицевски потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го повтори успехот од парламентарните избори и очекува убедлива победа на локалните избори.

„Очекуваме повторување на резултатите од парламентарните избори“, завршува Мицевски.

Д.Ѓ

Слични содржини