Мицкоски: Арсовска е инструмент на ДУИ, Обвинителството да постапи по нејзините докази – нови министри следната недела

од Марта Пешевска
39 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Јавното обвинителство треба да постапува по доказите доставени од скопската градоначалничка Данела Арсовска за незаконски легализирани дивоградби во Општина Чаир. Тој ја охрабри Арсовска веднаш да ги пријави заканите по живот што ги добива во Министерството за внатрешни работи, кое треба да ги испита и да постапи. „Доколку доказите се доставени до Јавното обвинителство, треба да го оставиме да си ја заврши работата. Законот мора да важи за сите. Жал ми е ако градоначалничката добива закани, и ја охрабрувам да ги пријави во МВР“, рече Мицкоски.

Во врска со изјавите на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, и вицепремиерот Изет Меџити дека Арсовска се користи како инструмент на ДУИ за дестабилизација пред локалните избори, премиерот рече дека „има вистина во тоа“ и најави дека наскоро јавноста ќе дознае и други детали.

Мицкоски исто така најави дека следната недела ќе заврши процедурата за именување нови министри во Владата. Во првата половина на јули ќе биде познат и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје. Партијата сѐ уште не донела одлука дали тоа ќе биде министерот за локална самоуправа Златко Перински, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски или некоја трета личност.

„Од она што можам да видам од анкетите, кој и да биде кандидат, сигурно ќе биде подобар од најдобриот од опозицијата“, рече Мицкоски.

Во врска со критиките од опозицискиот политичар Арбен Таравари, премиерот изјави дека „за жал, самиот тој претставува големо разочарување“.

Слични содржини