Мицкоски до обвинителството: Да се истражи целосно трагедијата во Кочани – секој што има одговорност, да одговара

од Љубиша Владимиров
16 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски побара од Обвинителството да продолжи со истрагата околу трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 62 млади лица, а над 200 беа повредени.

Откако судот вчера одреди 30-дневен притвор за Александар Нацев, кој се смета за вистински сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ – агенцијата што ја обезбедувала дискотеката кобната вечер – Мицкоски рече дека Нацев имал функција во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2016–2017 година, но дека од тогаш нема контакт со него.

„Го охрабрувам Обвинителството да ја продолжи истрагата. Ако постојат индиции дека и други лица имаат одговорност за оваа ужасна трагедија, тие треба да бидат изведени пред правдата. Ќе дадеме поддршка за секоја институција која ќе работи на расветлување на случајот“, изјави Мицкоски.

Нацев се сомничи за тешки кривични дела поврзани со загрозување на јавната безбедност. Обвинителството посочува дека тој и покрај тоа што немал активен договор за 2025 година, преку „Рубикон“ го обезбедувал локалот без да ги исполни законските обврски – без безбедносна проценка, без план за обезбедување и без план за евакуација.

Дополнително, во текот на ноќта кога избил пожарот, обезбедувањето не спречило влез на малолетници, ниту пак контролирало дали капацитетот на објектот бил пречекорен. Не била спречена ниту употребата на пиротехнички средства – фактор што дополнително придонел кон трагедијата.

Судска наредба овозможила претреси на неколку локации во Скопје и Пробиштип, како и на возилото на Нацев. Притоа, биле одземени документи и електронски уреди.

Досега, во рамки на истрагата, осомничени се вкупно 46 лица, а дополнително се води постапка за уште 14 полициски службеници, за кои сè уште се прибираат докази.

Истражните органи најавуваат дека истрагата продолжува сè додека не се утврди целосната одговорност за една од најголемите трагедии што ја потресоа Македонија.

Слични содржини