Мицкоски: Долг e списокот на оние кои треба да се плашат од Груби

„Да му дадеме време на времето“, вели премиерот за истрагата за екс-вицепремиерот кој е во куќен притвор

од Nikola Popovski
43 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

„Да му дадеме време на времето“, вели премиерот Христијан Мицкоски за приведувањето на екс-вицепремиерот Артан Груби и судскиот процес кој што треба да следи понатаму. Во интервју за „Ора24.тв“, запрашан која од политичките партии СДСМ, ДУИ, ВЛЕН, треба да се „плаши од Груби“, Мицкоски истакна дека „долг е списокот“.

-Во интерес на истрагата и информациите што ги имам, не би сакал длабоко навлегувал во чувствата на некои сегашни и поранешни политичари, но, не треба никој да се плаши ако не направил нешто спротивно на законот, а треба да се плашат сите оние кои направиле спротивно на законот“, кажа премиерот.

Груби се предаде на Блаце при влез од Косово. Ексвицепремиерот е осомничен за проневера тешка осум милиони евра во Државна лотарија. Јавното обвинителство предложи притворот да му се замени со куќен притвор, поради индиции дека му е загрозена личната безбедност и безбедноста на неговото семејство. Кривичниот суд го прифати предлогот, дополнително со 24-часовен надзор што го спроведува полицијата.

Претходно беше објавено и дека Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност процениле дека поранешниот вицепремиер нема да биде безбеден во затворот Шутка и затоа била побарана мерка „домашен притвор“.