Мицкоски: ДУИ не баратаат добро со материјата, но го поздравувам нивното ново однесување

Партијата на Али Ахмети тврди дека во првите месеци од 2026 била набавена струја во вредност од над 24 милиони евра

од Nikola Popovski
54 прегледи Фото: Фејсбук

На обвинувањата од ДУИ дека во првите два месеци од 2026 година била набавена струја во вредност од над 24 милиони евра, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска изјави дека го поздравува „новото однесување на ДУИ“. Вели дека излегле од ретро-политиките на политичарите од пред неколку децении. Според Мицкоски, партијата од албанскиот блок конечно почнала да се интересира за реалните теми за граѓаните.

-Не бараат добро со бројките и не ја владеат материјата. Тоа што го кажуваат е спротивно на вистината. Денеска ЕСМ во текот на ноќните часови, продава на берзите околу 850 мегават часови, што на дневна основа ѝ носи на компанијата меѓу 100 и 150 илјади евра.

Постојат периоди од годината кога се увезува струја и кога се извезува. Сега ако ја видите берзата, ќе видите дека цената на струја е нула или минус- би било лошо како компанија сега не преземат електрична енергија од берзата. Јас сум на дневна комуникација со ЕСМ и оние долгови кои што беа својствени на владата на СДСМ и ДУИ се во минатото. АД ЕСМ не е истата од претходната влада, рече Мицкоски на денешната промоција на оклопни возила STRYKER.