Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од Велес истакна дека лицемерието на СДСМ кулминирало со вчерашниот говор на Венко Филипче во Струмица, каде тој зборувал за морал, владеење на правото и етика во политиката, во присуство на, како што вели, неговиот гуру-Заев.
„Потрошивме часови, денови, да изработиме програма. Се консултиравме со народот, побаравме да работат експерти, и го планиравме секој денар кој ќе го употребиме во решенија и проекти. Наместо тоа од другата страна не видовме програма, туку клевети, заговори за личности, подземни игри. Никаде не излегоа со програма, туку голи ветувања за среќа, живот и црвени линии кои, всушност, не се линии, туку поклон за Бугарија. Кулминацијата ја достигнаа вчера кога Венко од Струмица, во присуство на неговиот гуру доживеавме да говори за морал и етика во политиката. И додека тоа го зборува, луѓето се чудат и просто со неверување го слушаат човекот чијшто гуру беше во првите редови како зборува за чесност, за владеење на право, како зборува за морал и етика во политиката“, вели Мицкоски.
Мицкоски изјави дека однесувањето на СДСМ и Филипче ја покажува нивната потценетост кон народот и додаде дека вистинскиот ефект од нивното однесување ќе се види на претстојните локални избори, кога народот ќе го каже своето мислење за нивните непроменети лаги.
„Имаме едно прашање до него: дали е свесен што зборува, каде се наоѓа и што мисли народот за овие негови изјави? Народот господине Венко Филипче ниту има намера да те мрази, ниту да те презира, но со оглед што си направил против народот и државата, без ронка срам излегуваш пред него и се правиш како ништо да не било, народот може едноставно само да се чуди — до каде си дотерал и како е можно ваков феномен да постои: човек кој го потценува својот народ, продавајќи се како некое ново лице, додека сите го знаат. И му се чудат. Вистинскиот ефект на нивното однесување ќе го видат на изборите на 19-ти, а дотогаш може само да уживаат во нашата песна од кампањата. За да не се мачат многу да размислуваат, ги упатуваме на последните анкети според кои ВМРО-ДПМНЕ во кампањата не само што има пораст, туку последните анкети во крајот на втората недела од првиот круг кампања достигнуваат однос 4:1, а овде во Велес и повеќе“, рече Мицкоски.