ВМРО-ДПМНЕ синоќа ги соопшти имињата на кандидатите за министри и заменици во техничката влада. Панче Тошковски ќе биде министер за внатрешни, Ѓоко Велковски за труд и социјала, дополнителен-заменик министер во финансии Елена Петрова, за информатичко општество Стефан Андоновски, за земјоделство Цветан Трипуновски. Покрај тоа, партијата остана на ставот дека ќе учествува во техничката влада, но, нема да гласа за неа. Беа упатени критики дека е чудно да се биде дел до влада, а да не се гласа за неа, на што од ВМРО-ДПМНЕ потсетија дека токму пратениците на СДСМ не гласаа за првата техничка влада на Емил Димитриев во 2016-та. За ваквите најави, идниот мандатар Талат Џафери вели дека не се оптеретува со тоа кој како ќе гласа.
„Нема да бидеме како СДСМ, ќе бидеме во собраниските клупи и ќе се воздржиме од гласање. Нема да гласаме за тоа што цениме дека Талат Џафери не заслужува да се гласа“, истакна синоќа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. За дел од аналитичарите, oчигледно одлуката на ВМРО е „вратка” од 2016 година кога СДСМ не ги гласаше своите министри. Според новинарот Љубиша Николовски, прашањето е да немаше вакво претходно искуство како ќе реагираше најголемата опозициска партија, затоа што, како што вели, нелогично да не ги гласаш сопствените министри. Сепак, во разговор за „Локално“ истакнува дека во политичките игри очигледно се е дозволено.
Околу предложените кадри на партијата во техничката влада, Николовски посочува дека изборот е личен избор на Мицкоски кои Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ само ги констатира.
-Тоа е само доказ дека станува збор за избор на лица на кои само тој им верува, со кои има претходни лични релации. Сличен однос имаше и Груевски кои за најблиски соработници бирате луѓе од неговите тесни кругови со кои соработувал, оценува Николовски.
Во однос на изјавите на О’Брајан за агендата на ВМРО-ДПМНЕ за иднината на државата, новинарот не очекува да биде истакнат никаков нон-пејпер.
-Не очекувам дека ВМРО воопшто има било каква стратегија за продолжување на европскиот пат ма Македонија, а најмалку да ја стави на т.н. брза лента за која Мицкоски порано зборуваше. Се плашам дека Македонија ќе заглави во изолација како во времето на Груевски, доколку ВМРО-ДПМНЕ формира влада, смета Николовски.
Политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ смета дека Мицкоски од ДУИ прави страшило. -Додека беа со нив на власт, тоа „страшило“ го толерираа, а Талат Џафери го направија, поточно го поддржаа како министер за одбрана. Денес, пак, не го поддржуваат затоа што ДУИ не е дел од нивната коалиција. Лицемерна и бедна аргументација која ќе оди на штета на самите избори, истакнува тој во разговор за „Локално“.
Замислете, додава Јовановиќ, „имате технички премиер кој треба да спроведе фер и демократски избори, а опозицијата тоа го негира, на него прави кампања, a од Албанците прави страшила“.
-На пример: ќе земат Мицковци еден човек, ќе го рибичат на медиуми, од него ќе прават страшило помеѓу локалното население чисто за да биде аутиран и дискредитиран. Кога ќе ми текне какви се гадости и лаги изнапишаа за мене. Ама сепак, и после се’, јасно велам: јас сум за американскиот систем на слобода на говор кој е заштитен со 1-от амандман: им дозволувам да ме рибичат и плукаат затоа што јас, во основа, го бранам и правото на слобода на говор. Правото на слобода на говор е поголемо од лагите изречени за мене. Овде нема свест за слобода на говор. Таквата слобода на говор, сфатена на „македонски начин“, е поразителна и прави огромни штети, ама тоа се породилни маки на ова општество, ние мора да поминеме низ тоа. Кај нас говорот на омраза прави многу поголема штета одошто говорот на омраза во Франција, Холандија или Велика Британија. И уште нешто: ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се еманципира, во спротивно, ништо добро не може да си донесе на себе како партија, а уште помалку може нешто добро да му донесе на општеството, посочува аналитичарот.
За предложените кадри од најголемата опозициска партија во техничката влада, Јовановиќ вели дека се „Мицкови сенки“ кои ќе ја извршуваат неговата наредба.
-Ваквата константација ја темелам така што Мицкоски никогаш не оставил простор да ја размази јавноста, поточно никогаш не оставил простор за некои изненадувања. Во смисла на некои лица за кои знаеме дека се добри и квалитетни. Не, тој ги става имињата за министри со кои има лични познанства, и пред се’ – оние кои нему лично му се лојани. Ако му се лојални, нема никакв проблем дали се компромитирани со кривични пријави или не се. Се додека ги извршуваат беспоговорно неговите директиви, со неговите министри нема никаков проблем. Без разлика на професионалните преференци и квалитети. ВМРО-ДПМНЕ е опасно скандализирана политичка партија за која има опипливи и конкретни докази за тоа. И тука нема ништо неприродно за Мицкоски и неговата партија. Корените на ВМРО-ДПМНЕ почиваат на авторитарност, популизам и лична лојалност кон лидерот. Сите можни идни подривања на техничката владата, а јас за тоа немам никаков сомнеж, ќе биде лична директива на Мицкоски. Зарем некој иоле пристоен мисли дека министрите во техничката влада ќе одработуваат во свое име и во името на своите законски компетенции? Ви се молам, до толку улави не сме, тврди тој.
Јовановиќ вели дека ја разбира изјавата на американскиот претставник О’Брајан, ама уште повеќе ја разбира ВМРО-ДПМНЕ. Според него, такво нешто нема да се случи, како што сугерира американскиот претставник, бидејќи како што наведува соговорникот, „нон-пејперот“ на десницата е стравот, а патот за напред е својствен за надежта.
-Мицкоски не игра на надеж, тој игра на страв. Стравот е вистински, тој не девалвира и е константа. И тоа е веќе видено. Затоа не очекувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе соопшти „нон-пејпер“ за напред. Единствено кое може да го соопшти во кампањата е следното: напад кон Албанците, пред се’ ДУИ, потоа заплашување од мигранти, потоа загрозување на „националниот идентитет“ и слични хистерии кои во основа се нереални и конструирани. Кога десницата бара власт, таа бара апсолутна власт за себе и нивниот лидер. Тоа е конечниот и единствен „нон-пејпер“ на десниот „Див Исток“, заклучува аналитичарот.
Н.П.