Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави дека преку судски пат го добил спорот со порталот „Бриф“, за кој како што вели, изнел лаги и невистини за него. Според пресудата, порталот треба јавно да ја објави пресудата за предметот, како и да му исплати паричен надомест од 60 илјади денари.
-Гледам дека СДСМ овие денови води кампања со прикажување на фотографии со луѓе кои ниту се мои соработници, ниту пак, освен сликањето имам било каква близина. Тоа е нивниот избор за дефокус од големите теми и водењето на перманентна црна кампања против мене која им се удира од глава секој ден, сподели Мицкоски.
Осудени се, додава тој, последователно неколку пати и тоа од ова нивно судство за ширење на лажни вести, клеветење и невистини.
-Од истиот центар, но преку друг канал кој ги ширеше лажни вести, одново се осудени дека ме клеветеле невистинито, овој пат дека наводно сум купил и реновирал куќа во Козле од еден милион евра. Докажано е дека brif.mk лажеа и апсолутно ширеа невистини. Лажеа и кога еден вицепремиер од владата преку еден негов медиум правеше прилог пред куќата која ниту е моја, ниту вреди милион евра, пишува Мицкоски.
Според него ова, како што вели, е обид да се деградира неговата личност и да се дефокусира вниманието на јавноста.