30 дена е многу кус период, но несомнемно е дека оваа Влада започна фуриозно и одлучно, бескомпромисно во намерата да ги поправиме работите, да решиме што е можно повеќе проблеми и да направиме разлика, вели премиерот Христијан Мицкоски во обраќање од Собранието на денешната седница по предлогот за заменик-министри, со што целосно треба да се комплетира владиниот состав.
Премиерот вели дека е „човек кој дава шанса“ и смета дека треба шанса да добијат предложените лица.
-Со изборот на овие заменици на министрите, нашата цел е да ја зацврстиме стабилноста на Владата и да обезбедиме ефикасна и компетентна извршна власт.
Новиот тим ќе донесе свежи идеи и енергија во Владата. Тие ќе работат заедно со министрите за да ги реализираат реформите кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард на сите граѓани. Верувам дека новите лица во политиката можат да донесат свежи идеи и енергија. Многу од замениците на министрите се млади и амбициозни луѓе кои ќе внесат нова динамика во работата на Владата.
Уверен сум дека овие заменици на министрите ќе ја оправдаат довербата која ја добиваат и ќе работат неуморно за доброто на сите граѓани. Затоа, ве повикувам да го поддржите нивниот избор и да дадеме шанса за подобра и поуспешна иднина.
Истото што го кажав и за министрите ќе го кажам и за предложените заменици. Немојте да го разочарате народот. Работете чесно, посветено и одговорно. Ќе ме имате мене за ваша поддршка. Но исто така знајте дека секое отстапување од овие принципи ќе значи и одговорност. Нема да толерирам неработа и непринципиелност, рекол меѓу другото премиерот во обраќањето.