„Нашата политика е prolife политиката, односно да испратам уште една порака до младите да се одлучат да се реализираат како родители, да се раѓаат што е можно повеќе бебиња, затоа што денеска видовме една статистика, за којашто јас често пати зборувам во јавноста, од 2016-тата до 2024-тата имаме за 6.000 помалку родени бебиња“, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски при посетата на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ каде беше заокружен процесот на реконструкцијата и набавката на нова опрема за клиниката.
Меѓу другото, во изјава за медиумите, Мицкоски обелодени дека „ако 20 ученици можат да седнат во една училница, тоа значи дека сега имаме 300 празни училници имаме и ако една училница е долга 20 метри, имаме 6 километри празни училници“.
„Отприлика вака изгледа изумирање на една нација. Ако на некого тоа не му е јасно јас би сакал преку бројки да кажам, колку и да бидам критикуван јас ќе си продолжам со ова што го кажувам затоа што мислам дека за бадијала ние правиме и училишта и градинки и игралишта и улици и булевари и автопати и се ако нема кој тоа да го користи.
Затоа мојата порака до младите е љубовта кон татковината се манифестира со тоа што одлучуваме, се разбира тоа е лична одлука, но, одлучуваме да создадеме семејство и да се реализираме како родители“, рече премиерот.