Мицкоски кон Касами: Ако се делиме за етнички теми и прашања низ призмата на шовинизам, не ја гледам разликата помеѓу тебе и Али од Зајас

Премиерот кажа и дека луѓето не треба да се третираат како контингенти гласови кои може човек да ги насочи.

од Vladimir Zorba
679 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски, во својот говор по повод Денот на револуционерната борба, исчпрати порака до својот коалиционен партнер Биљал Касами и подвлече дека сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката нека го видат и нека научат од примерот и падот на ДУИ и ќе разберат на што мисли.

-И тоа е добра лекција и за некои други политичари на македонската политичка сцена кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партнери треба да сме подготвени да се обединиме и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики. Ако е тоа така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата помеѓу нив и Али од Зајас, кого сакаат да го заменат, истакна Мицкоски.

Премиерот кажа и дека луѓето не треба да се третираат како контингенти гласови кои може човек да ги насочи.

-И тоа е погрешно. Луѓето треба да се третираат како човечки со судбини кои сакаат подобар живот и кои треба да гласаат по сопствено убедување. Сакам да кажам дека ниту еден од нас не ги има гласовите во својот џеб и дека поддршката треба да се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност и разлики. Се поинау од ова сметам дека е погрешно. Во тој контекст, треба да прифати дека станал градоначалник со волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволи да ја изневери. Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата, нагласи Мицкоски во своето обраќање на свечената академија „Од идеја до држава“ во Македонскиот народен театар.