Новиот премиер Христијан Мицкоски на првиот работен ден беше во посета на општина Штип, поточно Штипската болница која со децентрализацијата треба да стане Клиничка болница. Мицкоски информира и дека присуствувал на ставање камен-темелник на спортскиот центар „Џексон“.
Оттаму порача дека новата влада ќе гради „онаму каде што претходниците оставиле неуспешни проекти и споменици“ и дека нема да се случува „голобради момчиња да купуваат трговски центри“, ниту „играње фудбал по кабинети“, ниту „неуспешни проекти во делот на производството на марихуана“.
Мицкоски појасни дека утре ќе биде објавена првата инвестиција – развој на парк на ветерници во земјава, инвестиција на „Алказар Енерџи“.
-Паркот ќе биде изграден на тромеѓето меѓу ошштините Карбинци, Штип и Радовиш и ќе вреди меѓу 400-450 милиони евра. Тоа претставува значаен проект во делот на енергетското потрфолио и ќе ги подобри енергетските капацитети на државата. За него немаме специјален закон, ниту загарантирана цена, туку инвеститор кој што ќе инвестира и производот ќе го пласира на слободниот пазар. Она кое што е многу важно, за граѓаните и БДП ќе донесе дополнителни 100 милиони евра годишно. Македонскиот ветер ќе донесе нови 100 милиони евра на годишно ниво и вакви проекти ќе има низ целата територија на државата, истакна премиерот.