Мицкоски очекува поддршка од сите пратеници за реорганизација на Владата

од Nikola Popovski
2,6K прегледи

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека предлог-законот за реорганизација на државната управа, сепак не е повлечен од дневниот ред на Собранието, иако на веб-страницата на Парламентот стои дека материјалот е повлечен. Според партијата на Христијан Мицкоски, се извршила негова номотехничка корекција која е во насока на подобрување на предлог законското решение.

Подносителот на предлог-законот, идниот премиер Христијан Мицкоски од собраниската говорница изјави дека очекува од сите пратеници да ги поддржат измените на законот.

-На овој начин после неколку децении доаѓа до реорганизација на министерствата во самата влада. Агенциите кои досега постоеја ќе бидат нови, а дел од надлежностите на одредени министерства ќе бидат пренесени. Со ова ќе одговориме на потребите на граѓаните, кажа Мицкоски во обраќањето пред пратениците.

Предвидено е со законот дел од министерствата да се реорганизираат, а ќе се формираат и нови. Министерството за економија ќе стане Министерство за економија и труд. Сегашното Министерството за труд и социјална политика ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Нови ќе бидат Министерството за спорт, како и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Туризмот оди под капата на Министерството за култура. Новина е и Министерството за дигитализација, а ќе има и ново Министерство за администрација.

Колку за потсетување, потребно е 2/3 мнозинство за да биде изгласан предлог-законот.

Слични содржини