По пишувањата и објавите на британските медиуми дека Македонија преговара за да прифати мигранти кои нема да добијат азил во Велика Британија, премиерот Христијан Мицкоски вели дека ги гледа „гимнастиките на опозицијата на отворена сцена“. Дециден е дека нема да прифаќаме мигранти и вели дека е чудно „во отсуство на било каква идеја за мобилизирање, се фаќаат за тема која е тотален антипод на нивната политика и природно припаѓа на политиката на ВМРО-ДПМНЕ“.
Мицкоски вели дека неговата партија почива на антиилегалната имиграција, која, според него, е еден од основните столбови и вредности на партијата.
-Јас ги разбираме, немаат идеја и немаат концепт, па сега измислуваат теми и растураат пердуви. Ќе продолжиме жестоко да се спротивставуваме против илегалната миграција и во насока на тоа ќе развиеме проект „Safe Country“ (Безбедна држава), со кој што нашите граници конечно ќе бидат целосно мониторирани за да немаме илегална миграција, шверц итн. Ги отфрлам шпекулациите дека планираме кампови за илегални мигранти, кажа премиерот и почна да го објаснува тоа што беше објавено во дел од британските медиуми:
-Они викаат за неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји. Да потенцирам и да кажам јасно и гласно – таква тема не е разговарана, но доколку се разговара, исто така ќе биде одбиена. Разговарано е дека заеднички ќе се бориме против илегалната миграција. Верувале или не, ние ја браниме Европа од Европа. Додека јас сум премиер и претседател на Владата, нема да никне ниту еден шатор каде што ќе има илегални мигранти и нема да примиме ниту еден илегален мигрант, кажа премиерот на новинарски прашања пред зградата на Собранието.