Мицкоски посакува уставни измени со одложено дејство: „Барањето значи одложување на преговорите со ЕУ“

од Nikola Popovski

Лидерската средба заврши, а заклучоците се уште се коментираат во јавноста. Иако долго време ВМРО-ДПМНЕ стоеше на ставот дека нема да прифати уставни измени и внесување на Бугарите во Преамбулата, сепак се подотвори вратата за такво нешто после јасните изјави на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Тој вчера порача дека се согласува да се отвори Уставот, но ефектот да биде со одложено дејство. „Тоа значи практично околностите нема да се променат нема да имаме промена на устав тие амандмани нема да бидат дел од новиот устав се до моментот додека Македонија не стане земја членка на ЕУ. На тој начин го заштитуваме нашиот идентитет и на тој начин ние кажуваме дека нема да има дополнителни отстапки кои ќе можат да му наштетат на нашиот идентитет“, истакна претседателот на најголемата опозициска партија.

Темелко Ристески

И покрај ваквите негови тврдења, останува нејасно дали правно е издржано такво нешто. Универзитетскиот професор по уставно право, Темелко Ристески во разговор за „Локално“ вели дека тоа не е можно, објаснувајќи оти уставните измени се доследни на предлогот на француското претседателство.

-Мораме да го поддржиме. Одложено дејство на уставните измени и внесување на Бугарите значи и одложено дејство на преговорите со ЕУ. Формално право преговорите се почнати, но треба и материјално правно да почнат, рече Ристески.

Како што тврди, мораме да се држиме на документот што сме го прифатиле, со заклучоци на Собранието и од тој документ нема бегање.

-Ако сме го прифатиле, треба да го спроведеме до крајот на годината и да се внесат деловите од народите, со што и материјално правно ќе почнат преговорите со ЕУ, дециден е Ристески.

Околу тоа како може да се анализира лидерската средба, професорот се повикува на Њутновиот закон на инерција.

-Досега имавме една положба во која што ништо не функционирање, сега нешто почна да се работи и ја оценува како позитивна. Се разговара, се преговара, а кога ќе почне такво нешто, процесот со тек на време се завршува и се наоѓаат компромиси, додава тој.

Филозофски кажано го поддржувам тоа, вели Ристески, затоа што е докажано е ако некоја акција почне, тогаш таа и се завршува.

-Да не се гледаат преку нишани, проблемите ќе се решат. Ќе има резултати бидејќи целта е влез во ЕУ и во таа насока ќе се дадат и резултатите, истакнува универзитетскиот професор кој беше дел од Работната група за уставни измени која ги подготви амандманите, кои во моментов се чекаат да бидат разгледани и да поминат на владина седница.

Н.П.

Слични содржини