Мицкоски повторно обвинува дека претходната влада „коленичела“ за ковид-вакцини во соседството

„Заборави да каже како македонските граѓани во отсуство на грижа на Владата, коленичеа во соседството да аплицираат за да добијат вакцина против ковид-пандемијата...“, рече премиерот по изјавите на Филипче

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Тетово порача дека вчера ја гледал прес-конференцијата на лидерот на СДСМ по владината одлука за намалување на ДДВ-то на горивата. Мицкоски посочува дека единственото нешто по што СДСМ ќе бидат запаметени од раководењето на тогашната власт е дека „како држава најлошо се справивме со ковид-кризата со најголем број на смртни случаи по глава на жител на ниво на Европа“.

Мицкоски му порача на Филипче дека заборавил да каже за „поткупот на изборите во 2020 година кога се менувале закони во 5 до 12“.

-Заборави да каже како коленичеа на граница за 5000 вакцини донација од соседна Србија, заборави да каже како македонските граѓани во отсуство на грижа на Владата, коленичеа во соседството да аплицираат за да добијат вакцина против ковид-пандемијата…Тоа нема да го слушнете на лажните и клеветнички прес-конференции на опозицијата, но ќе слушнете како измислуваат. Сепак, граѓаните гледаат и го кажаа на претходните избори. Тие повторно ги навредуваат граѓаните, рече премиерот при пуштање во употреба на реконструираниот Регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во Тетово.

Зошто премиерот Мицкоски чекаше три недели за да донесе ваква мерка и да ги остави граѓаните да плаќаат поскапи горива, праша вчера лидерот на СДСМ, оценувајќи оти намалувањето на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти е задоцнето и нема да даде ефект.

Филипче се сомнева дека власта ги штити бизнис – интересите на одредени компании на сметка на граѓаните и повика да се прифатат мерките кои ги предложи СДСМ. Оценува дека кризата ќе продолжи да го урнисува стандардот на граѓаните и според него државна помош треба да се обезбеди за земјоделците и граѓаните.