Мицкоски: Сигурен сум во 2/3 поддршка за реформски законски решенија кои ќе бидат донесени во Собранието

од Vladimir Zorba
3,6K прегледи

Гласањето за новата влада очекувам да биде во текот на следниот викенд 22-23 јуни, рече мандатарот Христијан Мицкоски, откако вечерва ги соопшти кандидатите за членови во новата влада од коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ за кои доби едногласна поддршка од Извршниот и Централниот комитет на партијата. Мицкоски објави имиња на 15 кандидати за членови на владата чиј генерален секретар најави дека ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а како што рече, привршуваат преговорите за другите ешалони со коалициските партнери коалицијата „Вреди“ и партијата ЗНАМ.

-Од партиските тела добив мандат за преговори и за состав на новата влада и тие успешно завршија. Новата влада ќе биде составена од партиите кои се дел од коалицијата Твоја Македонија, коалицијата Вреди и политичката партија ЗНАМ, влада која има широка поддршка од електоратот повеќе од 600.000 гласа освоени на изборите кои што завршија на 8-ми мај, и сигурен сум во 2/3 поддршка за определени законски решенија, реформски законски решенија кои што во периодот кој што следи ќе бидат донесени во македонското Собрание, наведе Мицкоски на прес-конференција.

Мандатарот го предлага досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија актуелниот градоначалик на Општина Аеродром Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Кочоска Димитриеска. За заменик претседател на Владата и министер за транспорт партискиот потпретседател е предложен партискиот потпретседател и пратеник во повеќе мандати Александар Николовски, во ресоротот одбрана Владо Мисајловски, пратеник и поранешен министер за транспорт, а за информатичко општество и дигитална трансформација досегашниот дополнителен заменик министер во овој ресор Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Пирински кој во изминатиот период го водеше и кабинетот на Мицкоски.

Во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е предложена Сања Божиновска, актуелен член на ИК и експерт во енергетиката, Цветан Трипуновски во земјоделство, шумарство и водостопанство како кадар со долгогодишно искуство во ресорот, професорката Весна Јаневска во образование и наука, во Министерството за култура и туризам актерот Зоран Љутков, а во Министерството за спорт ракометарот Борко Ристовски.

Вицепремиерски мета ќе имаат коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП ќе биде вицепреиер и министер за политички систем, Иван Стоиљковиќ, претседателот на ДПС, за вицепреиер задолжен за односи со заедниците, а Шабан Салиу за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

-При изборот на кадровскиот потенцијал и решенија за состав на новата влада се водев од принципите за чесност, и посветеност, да бидат луѓе кои ќе дадат голема енергија во процесите и целосно ќе се вложат за реализација на амбициозните зацртани цели. Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде ќе се загуби врската со единствениот суверен народот. Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно не чека многу работа, мора да ги засукаме ракавите од првиот ден. Состојбите се очајни и потребни се најпрвин стабилизирање на состојбата, а потоа и брзи резултати, рече Мицкоски.

Претставувајќи ги одделно кандидатите за министри за Тошковски наведе дека во изминатите речиси четири месеци ја извршуваше сосема успешно функцијата технички министер во ова министерство и оти верува во неговиот потенцијал и капацитет за остварување на резултати во борбата против корупцијата и криминалот и обезбедувањето на ред и поредок, а за потенцијалниот министер за одбрана Мисајловски дека е со искуство како поранешен државен секретар во МНР и оти активно работел за исполнување на високите критериуми за членство во НАТО од таа позиција.

Според Мицкоски, потенцијалниот шеф на дипломатијата Муцунски има богато искуство во меѓународните односи бидејќи бил меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, а негова задача рече дека ќе биде промоција на стратешките цели на Македонија на меѓународен план, како и привлекување на инвестиции и поврзување на македонските компании со потенцијални партнери и зголемување на надворешната трговија.

Николоски кој ќе раководи со Министерството за транспорт, според Мицкоски, е човек со долгогодишно политичко искуство, а на оваа позиција доаѓа со голема амбициозна задача за реализација на многу проекти од стратешко значење за државата, патно и инфраструктурно поврзување.

Димитриеска Кочоска, пак, истакна мандатарот, е човек со големо искуство од областа на финансиите, макроекономското работење која е мој соработник уште во периодот кога заедно работевме во ЕЛЕМ и која сум убеден дека ќе работи чесно и посветено, со многу енергија и голем професионализам.

Стефан Андоновски кој е предложен за министер за информатичко општество и дигитална трансформација, според Мицкоски, ќе има пред себе важни и суштински проекти со кои, како што реле, ќе имаме за цел нулта толеранција на криминалот и корупцијата, зголемување на транспарентноста и нешто што ќе биде мој фокус во годините кои следат да не ни се случува како до сега за неколку стотина денари да не се вади за стотина денари извод од матична книга на родени. За Јаневска, пак, дека има богата научна кариера, политички ангажмани и оти досега успешно ја водеше Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.

За Ристовски како иден министер за спорт мандатарот посочи дека е познат ракометар, со домашни и меѓународни успеси, кој гордо и достоинствено ја преставува државата како на репрезентативен така и на клубски план и оти сега ќе има можност лично да придонесува за развојот на македонскиот спорт. Сања Божиновска, предлогот за министер за енергетика, рударство и минерални суровини, посочи, има огромно работно искуство во најголемите компании од пазарот на енергетиката и економските системи, а Цветан Трипуновски пак е со огромно искуство и речиси целиот свој работен век го посвети на земјоделието.

Претставувајќи го предлогот за министер за култура, наведе дека Зоран Љутков, има блескава актерска кариера и врвни достигнувања во светот културата и се надевам на сериозен ангажман за промоција на културните вредности и поддршка за развој на туризмот.

– Ова се 15-те предлози плус претседателот на владата се уште ги немам официјално добиено предлозите од коалиционите партнери кои се потенцијалните имиња, претпоставувам дека тоа ќе се случи во текот на утрешниот ден бидејќи веќе во вторник заедно со програмата за работа на идната македонска влада предлогот ќе дојде во Парламент и очекувам успешна реализација односно гласање на истата да заврши во текот на следниот викенд 22-23 јуни, рече Мицкоски.

Истакна дека имаат амбициозен план за реформи и проекти чија реализација ќе почне од првиот ден.

– Веќе неколку работи уште непочнати што беа наша главна и основна цел и ветување во време на кампањата ги испорачавме но сега треба да испорачаме и проекти и решенија и да го направиме она што е најважно а тоа е да ја вратиме Македонија на народот. Ова ќе биде влада за тебе, работа за сите вас, наведе мандатарот Мицкоски.

Кадровското решение за генералниот секретар на владата што ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ како што најави ќе се знае многу скоро и ќе биде на дневен ред на првата седица на владата.

Предлог составот и програмата на владата Мицксоки ќе ги достави до Собранието задутре, по што треба да биде закажана собраниска седница за избор на новиот владин кабинет.

Слични содржини