Мицкоски со месеци ја плашеше јавноста дека ќе има рестрикции на струја, порачаа од СДСМ

од Nikola Popovski
80 прегледи

На крајот од грејната сезона, шокантни се само промашувањата на прогнозите на Христијан Мицкоски со кои со месеци ја плашеше јавноста. Мицкоски велеше дека енергетскиот сектор ќе колабира, дека ќе следува зима во која ќе има рестрикциите на електрична енергија, прогнозираше драстичен раст на цената на струјата за домаќинствата, вака возвратија од СДСМ на денешните изнесени ставови на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата на власт, излезе спротивното од тоа што кажувал Мицкоски.

-Домашното производство на струја е најголемо во последните години, увозот на струја е намален, а цената на електричната енергија не само што не се зголеми, туку таа и благо се намали за домаќинствата и за малите потрошувачи. Шокантни се непознавањата и промашувањата на Мицкоски во енергетиката, порачаа од СДСМ.

Претседателот на најголемата опозициска партија денеска изјави дека премиерот Димитар Ковачевски „наместо да пушта или отпочнува проект, тој приредува коктел затоа што ја завршиле грејната сезона“.

-Работата е алармантна, повеќе од 200 милиони евра пари на граѓаните по пат на трансфери од буџетот беа префрлени во АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ за да може едвај да ги задоволи потребите на стопанството и граѓаните со електрична енергија и затоплување. Бизнис заедницата едвај крај со крај врзува, едвај успева да обезбеди средства да исплати плати за вработените кои така ги хранат своите семејства затоа што не добија никаква помош и поддршка од владата за справување со енергетската криза. Беа оставени сами на себе, истакна Мицкоски.