Мицотакис до Зеленски: За Грција, почитувањето на границите е нешто за што не може да се преговара

По денешната средба во Атина со украинскиот претседател Володимир Зеленски, грчкиот премиер изјави дека за неговата земја, почитувањето на неповредливоста на границите е нешто за што не може да се преговара и направи паралела помеѓу ситуацијата во Украина и окупацијата на Северен Кипар од страна на Турција, објави грчката државна телевизија ЕРТ.

од Vladimir Zorba
27 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Володомир Зеленски

По денешната средба во Атина со украинскиот претседател Володимир Зеленски, грчкиот премиер изјави дека за неговата земја, почитувањето на неповредливоста на границите е нешто за што не може да се преговара и направи паралела помеѓу ситуацијата во Украина и окупацијата на Северен Кипар од страна на Турција, објави грчката државна телевизија ЕРТ.

„Ние стоиме со украинскиот народ. Грција застана на страната на бранителите против крвавата воена операција што го нарушува секој поим за суверенитет и легалност“, рече Мицотакис на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател по нивниот разговор во владината резиденција Максимос.

„Во Грција ќе најдете непоколеблив сојузник. Ние застанавме во поддршка на европскиот пат на Украина, на кој сме подготвени да придонесеме“, продолжи грчкиот премиер.

Осврнувајќи се на декларацијата за намера потпишана денес за транзит на американски течен гас од Грција до Украина преку Бугарија, Романија и Молдавија, тој додаде дека врските меѓу Атина и Киев добиваат „нова димензија на енергетска безбедност, преку новиот вертикален (гасен) коридор и интерконекторот Александрополис-Одеса. Украина добива директен пристап до разновидни и сигурни извори на енергија. Ова е одлучувачки придонес кон енергетската стабилност и безбедност“.

Грчкиот премиер вети поддршка од Грција за повоената обнова на Украина.

Од своја страна, Зеленски рече дека особено ја цени поддршката од Грција и потсети дека секоја вечер руските сили напаѓаат критична инфраструктура во Украина, а повеќето термоцентрали и извори на природен гас во земјата станаа мети за руски балистички ракети.

„Нашата соработка е важен дел од енергетскиот пакет. Драг пријателе, би сакал лично да ви се заблагодарам, вам и на сите што учествувавте во остварувањето на овој проект“, му рече украинскиот претседател на грчкиот премиер.

Зеленски, исто така, им се заблагодари на американските компании и на американскиот претседател Доналд Трамп за договорите што го отвораат патот за снабдување со американски природен гас преку Грција.

Украинскиот претседател повика на притисок врз Русија за да продолжи. „Русија заслужува повеќе санкции и ние сме многу задоволни што Грција ги поддржува нашите иницијативи за враќање на киднапираните деца во Украина, за заробениците од 2014 година, кога започна руската инвазија на Украина, и оттогаш се обидуваме да ги вратиме децата и старите лица дома“, рече Зеленски.

Тој, исто така, ѝ се заблагодари на Грција за нејзината поддршка на европскиот пат на Украина.

Пред разговорот со Мицотакис, Зеленски беше примен од грчкиот претседател Константинос Тасулас.