Михајлова за случајот „Соравија“: Трговија со влијание е кривично дело, надлежните институции треба под итно да покренат истрага

од Vladimir Zorba

Купувањето  на загубарот „Соравија“ предизвика огромен интерес во јавноста која поучена од многу претходни зделки од ваков тип, насетува  нов скандал.

Контроверзната продажба на „Соравија“ според поранешната антикорупционерка Вања Михајлова креира сериозни сомневања за злоупотреба, корупција и влијание со трговија поради начинот на купопродажба и особено поради лицата инволвирани во истата зад кои како што вели таа, стојат моќни личности од политиката, поврзаноста со правосудскиот систем и другите контролни механизми.

„Сомневањата за легалност на постапката и средствата со кои млад човек кој „случајно„ е внук на Али Ахмети, успеа без  сопствени средства (дури и да ги има потребно е да се испита  потеклото- на парите) успева да купи таков капитален објект во строгиот центар на градот, уште повеќе ја потенцира потребата од вклучување на сите надлежни институции, особено и поради фактот што истиот „бизнисмен“ – внук на г. Ахмети е вклучен во повеќе бизниси-концесии и сл. за што исто така, треба да се испита дали ги добил во законски пропишана постапка, со почитување на принципите на конкурентност, транспарентност и под какви услови-висина на надоместок, дали имало други заинтересирани лица и сл. Во случајот постои и неспорен  непотизам, ако се земат во предвид информациите дека близок член на истиот моќник-Али Ахмети , исто  така, негов внук од брат, е поставен за советник во Амбасада на РСМ во една странска земја. ДКСК овде има  надлежност да отвори постапка за двата случаи поврзани со истиот политички моќник, вели во изјава за „Локално“, Михајлова.

Дрин Ахмети

Фактот дека  дејствијата  содржат елементи на меѓународна  активност,  поврзаност со политички експонирани лица, како и со лица од бизнисот во  тесна релација со банкарскиот сектор кој се јавува како кредитор, за Михајлова е последен аларм дека сите надлежни институции треба да се вклучат во следењето на финансиските текови и да работат на расчистување на сомнежите.

„Во случајот со купопродажбата на Соравија, треба да бидат вклучени повеќе институции, почнувајќи од Управата за финансиско разузнавање-да го следат текот на финансиските средства со кои е купен овој објект  во Македонија и Албанија, потоа Јавното обвинителство за организиран криминал,  ДКСК, УЈП и други институции. Трговијата со влијание претставува кривично дело и доколку надлежните ституции ја вршат својата работа, треба  под итно да покренат истрага“, децидна е Михајлова.

Јавното обвинителство  изјави   дека ќе постапи само доколку   надлежните институции достават известување или пријава за криминал во случајот. Но фактот дека на чело на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е Ислам Абази, кој се поврзува со челниците од ДУИ, според Михајлова не дава оптимизам дека во ваква ситуација јавноста може да очекува правда.

„Да бидам искрена, ако се земе во предвид начинот на кој е избран г. Абази, неговата поврзаност со политичката партија ДУИ, неговата неактивност  и нетранспарентост,  па и компетентноста, не очекувам  да покрене било каква постапка поради поврзаноста токму со лицата вклучени во овие“ бизниси“. Не сум оптимист дека и другите органи ќе  се вклучат сериозно во испитување на овој во низата скандали во кои се вмешани високи политички моќници од ДУИ и бизнисот“, вели Михајлова.

Во целиот случај таа сепак гледа надеж дека притисокот на јавноста  особено на медиумите и НВО секторот  може да влијаат врз надлежните органи да почнат да си ја вршат работата за која се платени, особено што овие скандалозни купопродажби и лицата вклучени во истите се и под лупата на прететставниците на ЕУ, меѓународните организации и странски амбасади.

„Ја потикнувам ДКСК под итно да отвори  случај, и покрај тоа што нивната иницијатива ќе заврши во некоја фиока во Обвинителството, а истото треба да го направи и Управата за финансиско разузнавање“, заклучува Михајлова.

К.В.С.

Слични содржини