Поранешниот директор на ДБК и член на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков вечерва ја коментираше одлуката на американскиот Стејт Департмент да биде ставен на нивната црна листа. Тој смета дека одлуката не е исправна и жали поради санкциите.
-Одлуката е базирана на конструкции и дезинформации за кои со време ќе се докаже дека се неиздржани. Секогаш сум ги бранел и ќе ги бранам интересите на Македонија. Верувам дека правдата ќе победи и дека одлуката на американската администрација ќе биде корегирана, објави Мијалков на социјалните мрежи.
Вашингтон ги стави на „црната листа“ поранешниот премиер на Никола Груевски и шефот на државната безбедност во неговата влада, Саша Мијалков поради неговата вмешаност во „значителна корупција“.
Според Стејт департментот, Груевски и тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, биле вмешани во корупција и користеле политичко влијание и моќ за лична корист додека биле дел од владата.
Се верува дека дејствијата на поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ Груевски и неговиот братучед Мијалков го поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси.
Освен што им е забранет влез на американска територија, на Груевски и на Мијалков ќе им биде замрзнат целиот имот што е под американска контрола.
Никола Груевски беше македонски премиер од август 2006 година до јануари 2016 година, а против него и Мијалков во Скопје се водат повеќе судски постапки за криминалите што ги направија додека беа заедно на власт.
Груевски побегна во Унгарија во ноември 2018 година за да избегне отслужување на двегодишна затворска казна и доби политички азил во Будимпешта.