МВР за поранешниот разузнувач Сашо Мијалков распиша национална и меѓународна потерница. Полицијата го бара Мијалков на повеќе адреси, но не успева да му го врачи решението за куќен притвор.
Бегството на Мијалков се случува во пресрет на изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ закажано за 26 февруари,.
За Заев ова е уште едно разочарување по она за бегството на Груевски.
„Очекувам детални информации и истрага за самиот случај од судот, јавното обвинителство и од МВР. Нашиот народ очекува целосно расветлување на ваквиот случај и понесување одговорност ако не се спроведе судското решение за ставање во притвор на лице за кое се очекува да се донесе пресуда за еден од најважните случаи во РС Македонија, а тоа е разрешницата преку пресуда на Основен суд за случајот со прислушувањето или таканаречен ‘Таргет-Тврдина’… Синоќа судот дал наредба за домашен притвор во 18:30, по што во Бирото за јавна безбедност е примена наредбата и веднаш се преземени дејства. Ред е да ги видиме деталите и ако има каков било пропуст, што не е дозволиво, ќе побарам одговорност,“ рече Заев.
Заев негира дека имал политички договор со порнашениот функцинер.
„Апсолутно нема почлитички договор. Јас сум среќен како прво извршната власт сме обезбедиле услови после плачкање на државата, со сите влијаниа и моќи, е организиран правен процес. Очекувам оваа седмица да финишира тој правен процес. Веќе е најавена казна, и веројатно тоа е причината зошто не можело да биде пронајдено лицето Мијалков дома. Апсолутно барам владеење на правото, без разлика за кој, дали е власт или опозиција“, изјави Заев.
Обвинителството се сомневаат дека имал помош да избега
„Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков Министерството за внатрешни работи ги сподели со обвинителството на 20.02.2021 година (сабота) во 23:00 часот. Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12:00 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го извести Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и Министерството за внатрешни работи. По исполнување на административните процедури, предметните обвинители во 14:30 часот се упатиле во Основниот кривичен суд – Скопје, каде во 15:00 часот Предлогот за определување на притвор е примен од судот и со Решение на обвинетиот Сашо Мијалков му е определeна мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. Решението од страна на обвинителството е примено во 18:45 часот. Во меѓувреме, до приемот на решението, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во Министeрството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган. Околу 21:20 часот обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден“, се вели во соопштението на обвинителството.
Од обвинителството велат и дека со оглед на тоа што во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Помагање на сторител по извршено кривично дело, заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија.