Милановиќ ја нападна Бугарија поради политиките врз С. Македонија

од Nikola Popovski

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја нападна Бугарија поради нејзините условувања за влез на С. Македонија во ЕУ и барањето за промена на учебниците по историја.

„С. Македонија е во невозможна позиција, а ние дури и не ја допревме таа тема во разговорите и декларацијата“, прокоментирал Милановиќ на прес-конференцијата со словенечкиот претседател Борут Пахор во Брдо кај Крањ по самитот на земјите од Западен Балкан.

„Ова се условите поставени во зрелата фаза од преговорите, а се однесува на учебниците по историја. Хрватска и Словенија имаа многу жив однос кога Хрватска се приклучи на ЕУ. Словенија постави услови кои беа многу витални, се бореше за она што и беше важно, пристапот до отворено море. Јас го разбрав тоа и не видов дека Словенија сака да ја спречи или понижи Хрватска“, рекол Милановиќ.

„Она што официјалната политика на еден член ѝ го прави на Северна Македонија е влез во нејзиниот интимен простор и бара од земја-аспирант да ја дефинира својата национална генеза во учебниците по историја како што тоа го прави соседна земја. Јас активно ќе се спротивставам на ова. Ако вашата цел е да го уништите послабиот од себе само затоа што тој е послаб, тоа никогаш не завршува добро“, изјавил Милановиќ, кој никогаш не ја спомнал Бугарија, но од контекстот е јасно како зборувал за таа земја, пренесува хрватски „Телеграм“.

„Не сме се занимавале со работи што се од егзистенцијално значење за земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ. Тука нема либерални вредности, тоа е чист притисок од позицијата на посилниот, а хрватското искуство е дека никогаш не завршува добро за оној што врши притисок“, заклучич Милановиќ за прашањето за Северна Македонија.

На средбата, со претседателот Милановиќ, претседателот Пендаровски се заблагодари за силната и континуирана поддршка за европските аспирации, потврдена за време на шестмесечното хрватско претседателство со Советот на Европската Унија, кога беше донесена и одлуката за отворање на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, информираат од неговиот кабинет.

Интеграцијата на Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан во ЕУ, како што беше истакнато на средбата, ќе придонесе кон трајна стабилизација на регионот, како и негов просперитет.

Слични содржини