Милановиќ за ЕУ членството: Прифаќајте ги советите со резерва и правете по свое. Не бидете жртва на уцена!

од Vladimir Zorba
63 прегледи

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ денеска во Скопјe го поддржа европскиот пат на Северна Македонија и препорача земјата да не биде жртва на уцени кога станува збор за членството во ЕУ.

Милановиќ, чија посета е прва официјална на земјава за време на мандатот на новата претседателка Сиљановска-Давкова, рече дека нема јавно да ги каже советите што ги дал на својата македонска колешка, нагласувајќи дека Македонија добива многу совети и од други извори – соседи, меѓународна дипломатија и Европската комисија.

„Не сите од овие совети се паметни или корисни за вас, затоа прифатете ги со резерва и правете по свое. Вие сте тие што ќе одлучат што ви е важно. Само немојте да бидете жртва на никаква уцена или изнуда кога станува збор за вашето членство во ЕУ“, рече Милановиќ.

Тој посочи дека членството во ЕУ бара консензус, или едногласност, и дека, сè додека некој е против тоа, Македонија за жал не може да напредува по тој пат.

„Единственото прашање е дали ова е навистина најважното нешто на овој свет за вас и граѓаните, или постојат други работи за државата што ја дефинираат како успешна и реализирана заедница“, рече тој.

Милановиќ додаде дека Македонија е членка на НАТО, што ѝ обезбедува безбедност, додавајќи дека тоа е сепак нешто што е добро и вредно. Додаде дека денешната средба е продолжение на дијалогот што нема да запре, со намера да ѝ се помогне на Македонија.