Миленкоски: На судењето за галијата ако сака нека дојде и Св. Петар, фактите се наша страна

од Nikola Popovski
348 прегледи

За Жарко Миленкоски, извршен директор на ЕМУС АД Скопје, компанијата која е сопственик на галијата, отстранувањето на објектот е обид да се одземе и уништи странска инвестиција во време на тешка економска криза во која странските инвеститори го имаат избришано Скопје од картата.

„Бродот е целосно наша инвестиција во износ од 1,2 милиони евра и местото беше под закуп на Градот Скопје за период од 10 години. Во текот на изминатата година за време на пандемијата, нашиот бизнис целосно запре и претрпевме тешка криза. Во таква ситуација, ние се обративме до Градот Скопје и лично до градоначалникот г-дин Шилегов неколку пати со барање за каква било форма на помош во време на криза. Не само што не добивме никаков одговор од господинот Шилегов, туку во јуни 2020 година добивме писмо од Градот дека нашиот договор за закуп се раскинува поради задоцнето плаќање на 2-3 месечни закупнини, иако сите достасани плаќања беа извршени неколку дена порано. Веднаш потоа договорот ни беше раскинат. Наредното судско рочиште е закажано за 7 јули“, пишува Миленкоски и додаде дека за ова веќе се информирани и Амбасадата на САД, Делегацијата на ЕУ, Амбасадата и претседателот на Бугарија.

Тој обвинува и дека се врши притисок на судот.

„На судењето на 7-ми јули може да дојде не лично Петре Шилегов, туку и Св. Петар да дојде фактите се сепак на наша страна. Единствена причина поради што и дојдовме до тука, е ненормалниот притисок и закани спрема судиите. Можеби затоа сака да дојде “лично да го брани градот”, за да може лично да се заканува со смена на судиите“, вели Миленкоски.

Градоначалникот Петре Шилегов вчера информираше дека денеска ќе продолжи уривањето на галијата во Вардар, истакнувајќи дека сите услови се исполнети. Тој истакна и дека ќе се појави на првото судско рочиште, кое се води за галијата, и ќе го застапува Градот.

Слични содржини