Милевски: Далеку сме од нивото на Португалија, но се движиме во тој правец

од Nikola Popovski
570 прегледи

Селекторот Благоја Милевски им оддаде почит на своите избраници иако Португалија победи со 2-0 и се пласираше на Светското првенство.

Нашите немаа сили и квалитет да го повторат подвигот во дуелот со Португалците по историскиот триумф во Палермо и елиминацијата на официјалниот европски првак Италија.

„Треба да се гордееме со момците од септември до денес. Тие носат голем потенцијал и талент и се на добар пат да се доближат до најдобрите во Европа. Честитки за Португалија за победата и пласманот на Светското првенство. Задоволен сум и горд на моите играчи“, изјави Милевски по синоќешниот натпревар и додаде:

„Да бидам искрен, иако игравме во финалето и ја победивме Италија, се уште не сме таму каде што се овие селекции. Далеку сме од тоа ниво, но начинот на кој игравме на последните девет натпревари е вистински показател за тоа како понатаму. Да не верував во тие момци во септември, немаше да го прифатам предизвикот. Верувам во играчите, во стилот на игра и во карактерот. Нека ова не биде наш инстант успех“.

Македонскиот селектор смета дека искуството од последните два натпревари ќе и помогне на репрезентацијата да се доближи до најдобрите европски селекции.

„Македонија е различна репрезентација од Турција и затоа натпреварот беше поинаков. По мечот со Италија бевме исцрпени, знаев дека не можеме физички да се носиме, исто така свесно сакавме физички да ги оддалечиме од нашиот гол. Жал ми е што примивме голови кога бевме доминантни во играта. Грешките се составен дел од играта, но и по тие грешки не отстапивме од нашата игра. Мислам дека бевме достоен ривал на Португалија. Натпреварите како овие во Порто и Палермо можат да ни помогнат да се доближиме до врвот на Европа“, категоричен е Милевски.

Слични содржини